ВИДЕО | Андоновиќ: Што по масакрот во „Крокус“? За Путин аеродромите на трети земји сега се легитимна цел!

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Доколку американските ловци Ф-16 учествуваат во конфликтот во Украина, полетувајќи од аеродромите во трети земји, тие аеродроми ќе станат легитимна цел на руската армија, предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

За време на посетата на регионот Твер, Путин потсети дека борбените авиони Ф-16 можат да носат нуклеарно оружје и нагласи дека Москва „ќе мора да го земе тоа предвид“

Тој рече дека доколку ловците Ф-16 бидат вклучени во конфликтот, руската војска ќе ги уништи тие авиони „исто како што ги уништуваат нивните тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и повеќе ракетни системи“.

Путин оцени дека ловците Ф-16, доколку западните земји и ги испорачаат на Украина, нема да можат да ја променат ситуацијата на бојното поле.

Борбен авион Ф-16 / Фото: EPA-EFE/GRZEGORZ MICHALOWSKI

Сепак како што пренесува Интерфакс Путин потенцирал дека Русија не бара конфронтнација со САД и западните сојузници.

– Тврдењата дека по Украина ќе ја нападнеме Европа – тоа е целосна бесмислица и заплашување на сопственото население само за да извлечат пари од нив, рече Путин.

„Американските сателити“ во Источна Европа немаат причина за страв, додаде Путин. Според него, разговорот за потенцијален руски напад врз Полска, Чешка или балтичките земји е само пропаганда на владите кои настојуваат да ги исплашат своите граѓани „да извлечат дополнителни трошоци од народот, за да ги натераат да го носат овој товар на своите плеќи“.

– НАТО се шири кон руските граници, а не обратно, рече Путин, додавајќи дека Русија само „го штити својот народ на неговите историски територии“.

– Тие дојдоа точно до нашите граници. Дали ние отидовме преку океанот до границите на САД? Не, тие ни се доближуваат и многу блиску се приближија, рече тој.

Сепак, многумина светски аналитичари и геостратези наголемо лицитираат за тоа како Русија планира да се одмазди и воедно да го искористи неодамнешниот терористички напад во салата Крокус во Москва.

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Откако Владимир Путин се искачи на повисоките нивоа на власт во 1998 година – прво како шеф на Федералната служба за безбедност (ФСБ), наследник на КГБ, а подоцна и како премиер и претседател – Русија претрпе околу 15 терористички напади. Иако малкумина беа толку смртоносни како минатонеделниот масакр во концертната сала Крокус Сити Хол во предградието на Москва, во кој вооружена група уби најмалку 139 луѓе, Путин ги искористи речиси сите овие трагедии за да ја зацврсти својата моќ.

Во септември 1999 година се случија серија експлозии во неколку градови низ Русија кога Путин беше премиер. Бројот на жртвите достигна 307. Додека Москва официјално ги обвини чеченските сепаратисти, некои шпекулираа дека станува збор за „операција под лажно знаме“ на руските безбедносни служби.

Овие настани Путин ги искористи Москва почна да ја гранатира Чеченија на 14 септември, започнувајќи втора крвава војна со отцепениот регион. Путин се позиционираше како силен лидер, неговата популарност порасна и тој беше избран за претседател на 26 март 2000 година.

Идентично и во настаните за време на поставувањето на претставата „Норд Ост“ во московскиот театар „Дубровка“ на 23 октомври 2002 година, терористи упаднаа и ги зедоа како заложници публиката и персоналот. Три дена подоцна, повеќе од 700 заложници беа спасени откако руските специјални сили испумпаа отровен гас во театарот и упаднаа внатре. Но, речиси 130 заложници загинаа, многумина од проблеми со гас и други проблеми за време на операцијата за спасување. Тогаш Путин ги заштити методите на своите безбедносни служби а сите новинари кои беа критички настроени код методите на руските специјалци беа подложени на цензура.

Идентично беа искористена и заложничката драма во Беслан.

На 1 септември 2004 година, терористите упаднаа во училиште во Беслан, Северна Осетија во регионот на Кавказ и зедоа како заложници повеќе од 1.200 деца, родители и наставници. Спасувачката операција на руските специјални сили резултираше со 334 смртни случаи, повеќето настрадаа од експлозивите користени од руските специјалци за да упаднат во училиштето. Опсадата траеше до 3 септември.

Овие настани Путин ги искористи така што државата пропагираше дека терористите не поставуваат никакви барања, иако тие бараа руските сили да ја напуштат Чеченија и да ја признаат нејзината независност. Дмитриј Песков, тогашниот прес-секретар на Путин, а сега актуелен портпарол на Кремљ, беше клучен во управувањето со покривањето на ситуацијата.

Путин подоцна ја искористи опсадата за да ги оправда законските измени кои го укинаа изборот на гувернери во сите 89 региони во Русија, дозволувајќи му да ги постави своите марионети и да ја заостри контролата врз земјата.

Путин запали свеќа за загинатите во нападот во Москва / Фото EPA-EFE/MIKHAIL METZEL/SPUTNIK

Идентично беше постапено и по бомбашкиот напад во метрото во Москва изведен на 29 март 2010 година кога чеченски бомбаши самоубијци активираа експлозив на две метро станици во Москва при што загинаа 39 лица, а над 100 беа повредени.

Тогашниот претседател Дмитриј Медведев, кој накратко ја извршуваше функцијата додека Путин беше премиер, ги засили безбедносните мерки во јавниот превоз низ Русија. Ова доведе до тестирање на камери за надзор со системи за препознавање лица во московското метро.

Повеќе од една деценија подоцна, Русија инсталираше околу 500.000 камери за надзор за препознавање лица низ целата земја. Системот често се користи за следење и апсење опозициски активисти, обвинија западните држави.

По сите овие примери многумина во светот почнаа да се прашуваат што може да се очекува по масакрот во „Крокус“?

Првата работа што Путин може да ја направи е да спроведе некои планирани, но непопуларни мерки, изјави за „Политико“ Сергеј Давидис, раководител на Програмата за поддршка на политичките затвореници на Меморијалниот центар за човекови права.

– Прашање е само каква е нивната агенда овде – рече тој.

Давидис посочи дека е можно повторно да се воведе смртната казна во Русија. Како што претходно објави „Москва тајмс“, руските власти побарале укинување на мораториумот на смртната казна по масакрот „Крокус“. Но, тоа би била „Пандорината кутија која можеби и самите се плашат да ја отворат“, што остава, како што рече Давидис, одговор вообичаен за руските власти – наметнување на повеќе ограничувања.

Ова може да значи построги казни или давање поголема слобода на полицијата да се справи со осомничените за тероризам. Четворицата осомничени за масакрот во Крокус во неделата беа изведени пред судот во Москва со знаци на тортура. Каналите „Телеграм“ блиски до руските безбедносни служби објавија слика на која наводно се гледа како еден од осомничените е мачен со струја, додека другиот бил принуден да си го јаде сопственото уво.

Одговорот на властите на нападот на тој начин воспостави нов тренд – полицијата во Русија може брутално да се справи со осомничените и е горда на тоа, вели Давидис, додавајќи дека „прифатливото ниво на насилство врз наводните непријатели на народот – неодамна проширено од војната во Украина – повторно се крена“.

– Ако можете да убиете илјадници луѓе со бомби, не треба да се грижите дали некому ќе му го отсечат увото или некој ќе го удри струен удар – изјави Давидис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот