ВИДЕО | Андоновиќ: Руските власти му поставија уште три услови на семејството на Навални за преземање на неговото телото

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Мајката на Алексеј Навални, Људмила ги обвини руските власти дека планираат да спроведат „таен“ погреб за нејзиниот син и изјавувајќи дека нема да се согласи на тоа.

Иван Жданов, директорот на Антикорупциската фондација на Навални, објави дека рускиот истражен комитет поставил дополнителни услови за предавање на телото на мајката на Навални, пренесува Си-Ен-Ен.

Покрај тајниот погреб, Одборот поставил уште три услови:

1.Телото треба да биде пренесено во Москва со специјален авион, а пред пристигнувањето во главниот град, мајката на Навални да не го најавува погребот, за да не предизвика собирање на неговите поддржувачи да ги чекаат неговите посмртни останки на аеродромот.

2.Цело време пред погребот, семејството мора да биде придружувано од вработен во истражниот комитет за да контролира евентуално да не излезе во јавност тајмингот на погребот.

3.Мајката на Навални треба да одлучи за датумот на погребот по пристигнувањето во Москва. Телото треба да се чува во Москва или во Владимирската област пред погребот. Според Жданов, истражниот комитет „се плаши дека мртовечницата ќе биде нападната“ и ќе биде украдено телото.

Изводот на смртта ќе биде предаден на семејството на Навални откако неговата мајка и сопруга ќе се согласат да ги исполнат овие услови, изјави директорот на Антикорупциската фондација Жданов во интервјуто дадено за руските медиуми.

Тој додаде дека на мајката на Навални, Људмила, и се заканувале за да се согласи со овие услови.

Во меѓувреме францускиот весник „Фигаро“ наведува дека ненадејната смрт на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални во оддалечен затвор, каде што издржувал 19-годишна затворска казна, предизвика многу шпекулации и сомнежи за неговата смрт.

Неговите роднини ги обвинија руските власти дека го задржале неговото тело за да ги скријат доказите, а неговата сопруга Јулија Навални, како и многу западни лидери, ги обвини руските власти за неговата смрт.

Во извештајот што го напиша Сесил Тепер во споменатиот весник, се наведува дека оваа смрт, која се случила еден месец пред претседателските избори, била грешка за Москва, а Дмитриј Песков одговорил дека сите обвинувања се „сериозни и неосновани“.

Централната канцеларија на Федералната затворска служба соопшти дека на тим лекари им е доделена задача да ја спроведе истрагата.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека телото нема да му биде вратено на семејството 14 дена, што предизвика големо незадоволство кај мајката на поранешниот притвореник, која побара рускиот претседател Владимир Путин веднаш да го предаде телото на нејзиниот син.

„Генерално, аутопсијата бара само неколку часа, можеби и еден ден во посложени случаи“, изјави Марк Аугсбургер, раководител на Одделот за токсикологија во Центарот за судска медицина на Универзитетот Роман во Лозана.

Француските токсиколози кои ги пренесува Фигаро изјавија: „Не можеме да исклучиме дека имал срцев удар, пукнат крвен сад или белодробна емболија, а обдукцијата може да го утврди тоа“.

Ако не се најде природна причина, мора да се направат повеќе тестови, за што е потребно повеќе време, додаваат експертите.

Протоколот од Минесота, документ на ОН со кој се уредуваат истрагите за сомнителни смртни случаи, бара телото на починатиот да не му се дава на семејството и предвидува дека истрагите мора да се спроведуваат на „брз, непристрасен и транспарентен начин“.

Инспекторите можат законски да го држат телото на лице кое починало во затвор до 30 дена, што значи дека двонеделното задржување не е невообичаено.

Портпаролката и блиска пријателка на Навални, Кира Џармис, ги обвини властите дека сакаат да ги „прикријат трагите на убиството“, иако нема медицински оправдана цел.

„Во случај на труење, многу ретко се случува со текот на времето да се избришат сите траги од токсични материи, за разлика од гасовите“, наведуваат судските вештаци.

Многумина, раководејќи се од претходните случаи со труење во Русија се посомневаа на Новичок, хемиска супстанција развиена од Советскиот Сојуз во 1970-тите, која е тешко да се открие.

Токсиколозите, наведува Фигаро, наведуваат дека Новичок е невротоксин кои ги парализира мускулите, вклучително и респираторните мускули, предизвикувајќи брза смрт“. Овие работи тешко се откриваат во европските лаборатории, дури и со најдобриот апарат бидејќи не е познат целосно неговиот состав, ги цитира Фигаро француските токсиколози.

Весникот објави дека смртта на Алексеј Навални настапила веднаш по прошетката во затворскиот двор, по што тој наводно се чувствувал лошо и изгубил свест.

Медицинска екипа од блиската болница била брзо испратена на местото на настанот и се обидела да го оживее пациентот, но не успеала.

Претходниот ден, според весникот, тој преку видео врска учествувал на две судски рочишта и не се пожалил на своето здравје.

За дел до светската јавност пристигнувањето на посмртните останки на Навални како и неговиот погреб поставува уште еден проблем за Путин и раководството во Кремљ бидејќи, како што се наведува, погребот на Навални може да стане масовен настан, да се појават илјадници луѓе и да го претворат во некаква демонстрација пред изборите, каде Путин треба да им покаже на сите дека сè е под контрола, дека Русија е стабилна и дека неговото владеење е многу цврсто“, сметаат аналитичарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот