ВИДЕО | Андоновиќ: Пет причини поради кои турската опозиција му го нанесе на Ердоган најголемиот изборен пораз

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Турската опозиција и го нанесе најтешкиот изборен пораз на Партијата на правдата и развојот на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган. На локалните избори Републиканската народна партија (ЦХП) не само што го задржа најголемиот град во земјата Истанбул, каде победи со разлика од еден милион гласови, и главниот град Анкара, туку и ја презеде власта во други големи и богати индустриски и туристички градови. Бурса, Анталија, Адана и многу други градови.

На локалните избори турската опозиција му зададе, за многумина решавачки политички удар на претседателот Реџеп Таип Ердоган, чија популарност опадна по 21 година на власт поради пет причини – лоша економска ситуација проследена со забрзаната инфлација од 67,07 отсто, потоа бавна реконструкција на областите уништени од катастрофалниот земјотрес минатата година, голем број бегалци од Сирија, репресијата на околу 17 милиони Курди, како и империјалната надворешна политика, која го остави Ердоган без сигурни сојузници.

ААК на Ердоган освои вкупно само 35,78 отсто од гласовите. На Ердоган традиционално му остануваат области во сиромашна Анадолија, но делови од некои провинции каде што тој беше неприкосновен не го послушаа. Овој неуспех е дотолку поголем бидејќи излезноста беше висока, околу 78 проценти. Тоа значи дека само околу 28 отсто од гласачите ја поддржуваат партијата на Ердоган. Во исто време, опозициската Републиканската народна партија (ЦХП) имаше повеќе гласови од владејачката ААК за прв пат по две децении.

Добри резултати постигнаа и другите опозициски партии. Демократската партија 5,58%, ултрадесничарската МХП 4,88%, Кемалистите се собраа во ИЈИ 3,76% и исламистите од ЈРП 6,06%.

Султанот, како што често го нарекуваат Ердоган во Турција и во Европа, минатата година убедливо победи на претседателските избори против кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу со 49,52 отсто освоени гласови во првиот круг и 52,18 во вториот. Сепак, опозицијата сега најави дека ќе бара нови претседателски избори, бидејќи се покажа дека неговата моќ повеќе не се заснова на волјата на гласачите. Ердоган пред изборите рече дека ова му е втор мандат, по што мора да се повлече од политиката, што аналитичарите го протолкуваа како негов сигнал до парламентот дека е време за нови уставни измени кои ќе му овозможат да биде претседател онолку пати колку што тој сака, па се очекува жестока политичка борба за негов политички опстанок по секоја цена.

Одлучувачки фактор: 17 милиони Курди против владата

1. Забрзаната инфлација ја зголемува и уништува заработката од трговијата и туризмот и ги оптоварува најсиромашните. Економистите сметаат дека моментот кога ќе премине во хиперинфлација (повеќе од 100 проценти) не е далеку.
2. Полека се отстрануваат последиците од страшниот земјотрес на југоистокот на Турција, во кој загинаа 60.000 луѓе. Во исто време, никој не ги заборави обвинувањата дека зградите паднале поради алчност, лоша градба и непочитување на прописите.
3. Во Турција живеат околу 17 милиони Курди, чии партии се маргинализирани, па овој народ е секогаш подготвен да гласа за умерените партии кои се за заштита на правата на малцинствата и против Ердоган.
4. Во Турција официјално живеат околу четири милиони бегалци од Сирија. Ова беше тема и на претседателските избори, кои за малку Ердоган го чинеа победа. Тој вети дека ќе го реши проблемот, но гласачите не ги забележаа резултатите.
5. Надворешна политика на Ердоган има за цел да го врати влијанието на Анкара на сите поранешни територии на Отоманската империја, како и таму каде што живеат турските народи.

Ова го доведе во конфликт со посилни играчи, како што се САД, ЕУ и Русија, па никој не е подготвен да му помогне да ги реши неговите економски тешкотии.

Многумина аналитичари сметаат дека актуелниот градоначалник на Истанбул, и член на секуларната Републиканска партија Екрем Имамоглу, најверојатно ќе биде следниот претседател на Турција.

Тие наведуваат дека следните претседателски избори во Турција се за четири години но дека е прашање дали Ердоган ќе опстане во целиот мандат бидејќи според нив пресудна ќе биде влошената економска состојба во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот