ВИДЕО | Андоновиќ: Иран најавува одмазда но не веднаш, Израел очекува напад во следните 24 часа

Анализа со Дејан Андоновиќ / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Израел очекува директен напад од Иран врз јужниот или северниот дел на земјата во следните 24 до 48 часа, објави Волстрит Журнал, повикувајќи се на добро информиран извор.

Американскиот весник, повикувајќи се на извор кој наводно има контакти во иранското раководство, тврди дека сè уште не е донесена конечна одлука за нападот, но дека планот се разгледува.

Волстрит журнал наведува и дека американски функционер запознаен со ситуацијата рекол дека американските разузнавачки извештаи укажуваат на ирански напад во рок од неколку дена, веројатно на израелска територија.

– Плановите за напад се пред врховниот лидер и тој сè уште го мери политичкиот ризик – изјави советникот на иранскиот ајатолах Али Хамнеи.

Техеран вети дека ќе му се одмазди на Израел за воздушниот напад врз иранскиот дипломатски комплекс во сирискиот главен град Дамаск. Во воздушниот напад загинаа седум членови на Корпусот на гардата на Исламската револуција. Меѓу нив имало и двајца врховни команданти.

Високи американски функционери минатата недела посочија дека иранската одмазда против израелските или американските средства на Блискиот исток се очекува и се верува дека е неизбежна.

– Американските разузнавачи, меѓутоа, сега укажуваат дека Иран е фокусиран на одмазднички удар на израелска територија, а не на американски или израелски интереси на друго место на Блискиот Исток – наведува Волстрит Журнал.

Амбасадата на САД во Израел во четвртокот ги предупреди вработените и членовите на нивните семејства да не патуваат надвор од централните делови на земјата.

– Поради зголемена претпазливост, на вработените во американската влада и на членовите на нивните семејства им е забрането лично патување надвор од големите Тел Авив, Ерусалим и Бершева – соопштија од амбасадата.

Пентагон потврди дека генералот Мајкл Ерик Курила, командант на Централната команда на САД, која е одговорна за воените операции на Блискиот Исток, во четвртокот бил во Израел.

Секретарот за одбрана Лојд Остин разговараше и со неговиот израелски колега Јоав Галант.

– Секретарот Остин му укажал на министерот Галант дека Израел може да смета на целосната поддршка од САД во одбраната на Израел од иранските напади, на кои Техеран јавно се закани – се вели во соопштението на Пентагон.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека Израел ќе возврати на секој што ќе изврши напади врз еврејската држава.

– Ако некој го нападне Израел, ние ќе му возвратиме, подготвени сме да ги исполниме сите безбедносни потреби, и одбранбено и офанзивно – порача Нетанјаху за време на говорот во воздушната база на југот на Израел.

Во меѓувреме Иран повтори дека ќе се одмазди за нападите врз неговиот конзулат во Сирија но наводно му сигнализирал на Вашингтон дека ќе одговори на израелскиот напад врз неговата амбасада во Дамаск на начин што ќе избегне ескалација и нема да дејствува набрзина.

Пораката на Иран на САД им ја пренесе министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан за време на посетата на Оман во неделата.

Оман честопати дејствуваше како посредник меѓу двете непријателски земји.

Белата куќа не сакаше да коментира дали добила пораки од Иран, но соопшти дека САД го известиле Техеран дека не се вклучени во нападот на амбасадата во Дамаск.

Извор од американската разузнавачка заедница изјави дека не знае за пораката испратена преку Оман, но додаде дека Иран бил многу јасен дека неговиот одговор ќе биде контролиран и ќе избегне ескалација.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во средата рече дека Израел мора да биде казнет и оти тоа и ќе се случи. Израел не ја потврди одговорноста за нападот врз амбасадата, но тоа го соопшти Пентагон.

Идентично, и САД очекуваат ирански напад врз Израел, но таков што нема да биде доволно голем за да го вовлече Вашингтон во војна, изјави доцна синоќа американски претставник.

Инаку една од шпекулациите е дека во обид да ја врати нарушената поддршка на САД и комуникацијата со Белата куќа, Нетанјаху, преку нападот врз иранскиот конзулат, сакал да испровоцира ирански одговор. Така, според овие шпекулации би ги вмешал директно и САД, особено Бајден кој сега поради големиот број цивилни жртви во Газа, трпи сериозен пад на рејтингот кај муслиманското гласачко тело во САД, доколку ги поддржува Израел и Нетанјаху.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот