ВИДЕО | Андоновиќ: ХДЗ победи на парламентарните избори во Хрватска, но не може сама да формира влада

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Прелиминарните резултати од вчера одржаните парламентарни избори во Хрватска укажуваат дека владејачката ХДЗ освоила 61 од можни 151 пратеничко место во Саборот, а СДП 42 мандати, што значи дека ниту едната ниту другата го нема потребното мнозинство од 76 мандати за формирање влада.

Другите партии, од националистичката десница до зелената левица, освоија значителен број пратенички места, а тоа значи дека доаѓа период на политичка тргoвија.

Не е изненадување што ХДЗ, со оглед на нејзината мрежа и организација, остана и натаму најсилна политичка партија во Хрватска. Но, бројот на освоени гласови на овие избори е значително помал од претходниот изборен процес во 2020 година – и значително помал од 76-те потребни мандати за мнозинство во Парламентот.

Од друга страна, актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кому Уставниот суд претходно му забрани да биде на списокот на изборите, не може да биде задоволен што неговата СДП не освоила повеќе мандати.

Инаку, излезноста беше проценета на 60 отсто од над 3,7 милиони гласачи кои ги избраа пратениците коишто ќе ги претставуваат во хрватскиот Сабор во следните четири години.

Премиерот на Хрватска и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ најави дека од денеска ќе започне разговори за формирање ново парламентарно мнозинство заради формирање на третата влада на ХДЗ.

– ХДЗ убедливо победи на парламентарните избори третпат по ред, изјави Пленковиќ во изборниот штаб на ХДЗ во Загреб по изборите.

Пленковиќ оцени дека опозициската Социјалдемократска партија не заслужува да формира влада, туку тоа треба да го направи ХДЗ како победник на изборите.

Од друга страна, и претседателот на најголемата опозициска партија СДП, Пеѓа Грбин, најави дека од денес ќе започне разговори за можна постизборна коалиција со партиите кои најавија дека нема да коалицираат со ХДЗ.

– Изборните резултати не се онакви какви што посакувавме, но покажаа дека граѓаните на Хрватска сакаат промени и дека не се задоволни од она што се случува во Хрватска, истакна Грбин во изборниот штаб на СДП во Загреб.

Грбин рече дека на Хрватска ѝ претстојат денови, недели, а можеби и месеци на разговори за формирање влада.

– Тие разговори ќе завршат добро, со промена што ќе ја направи Хрватска подобра земја, земја без корупција која се грижи за својот народ, рече Грбин.

Кандидат за премиер на СДП е претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, поранешен лидер на таа партија. Тој не беше на листата на СДП, бидејќи Уставниот суд му забрани да го стори тоа, со оглед на тоа што претходно не поднесе оставка од функцијата претседател на државата.

Инаку, на вчера одржаните парламентарни избори најголем број на мандати за Хрватскиот Сабор освои владејачката ХДЗ 61, а Социјалдемократската партија (СДП) 42 мандати. За формирање влада потребна е поддршка од најмалку 76 од вкупно 151 пратеник во Саборот.

На изборите гласаа 61,99 отсто од избирачите, а право на глас имаа околу 3,7 милиони луѓе, што е за 127.000 помалку од пред четири години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот