
Вештаци ќе проверуваат дали пациентите на Онкологија примиле соодветна терапија
Тим од стручни лица, формиран од Основното јавно обвинителство ќе ја анализира медицинската документација за водење на пациентите и администратирање на терапија на Клиниката за Онкологија. Според сознанијата на „Слободен печат“, Клиниката го саботирала тукушто набавениот систем за следење и безбедно чување на дозите. Системот КАТО требало да стави крај на рачниот систем на дозирање, а идејата била да се спречи губење на дозите, да се обезбеди прецизно дозирање без грешка и безбедно чување на цитостатиците. Со КАТО било невозможно да се украде цитостатик или да се намали нечија доза, ни поради кражба ни поради грешка. Но, по само шест месеци откако е набавен овој систем, во 2017 година, новиот директор Нино Васев го исфрлил од употреба.
Препорачано
Од ОЈО соопштија дека и Министерството за внатрешни работи презема дејствија, кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Информациите ќе бидат споделени кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело.
Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети. Целата постапка од првиот момент се води максимално транспарентно и со почитување на сите законски процедури – се наведува во соопштението.
Ширењето на непроверени информации и нарушувањето на пресумпцијата на невиност, од Обвинителството велат дека може сериозно да наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат.
Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка. И последните наводи ќе бидат детално проверени, а за сите резултати од преземените дејствија јавноста ќе биде веднаш известена – додаваат од ОЈО.
Тие посочуваат дека во континуитет се издаваат наредби со кои се проверува вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања и се обезбедуваат докази, а целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал.