Веб-страница за контрацепција: Сите информации, прашања, но и митови и дезинформации за сексуалното образование достапни на едно место

Фото: Принтскрин, kontracepcija.mk

Во отсуство на сеопфатно сексуално образование во училиштата низ државата, веб-страницата за контрацепција, kontracepcija.mk може да биде од голема корист на граѓаните, младите и здравствените работници. Една од пречките со кои се соочуваат младите е пристап до релевантни информации и услуги за сексуалното и репродуктивно здравје, како што се средствата за контрацепција, практикување безбеден секс, сексуално преносливи инфекции, абортус и слично, а сега тие се лесно достапни.

ХЕРА во соработка со Институтот за јавно здравје денеска ја промовираа веб-страницата која содржи различни информации и одговори на најчести прашања поврзани со сексуалното здравје, каде може да се купи контарцепција, колку чини, како да се заштитиме од сексуално преносливи болести, кога да се напиеме итна контрацепција и многу други корисни информации.

Веб-страницата има и опција за контакт со стручни лица. Доколку имате какво било прашање, го внесувате вашето име, возраст, прашање и електронска адреса. Контрацепција.мк е достапна на македонски и на албански јазик.

На денешната промоција на веб-страницата, координаторката за комуникации во ХЕРА, Андријана Папиќ Манева истакна дека не чека уште многу работа на ова поле, а тоа го покажува и Европскиот атлас на контрацепција.

До преклани котиравме повисоко поради воведувањето на медикаментозниот абортус, а лани паднавме пониско поради тоа што државата ја скрати бесплатната контрацепција за ранливите категории на жени. Поставувањето на веб-страницата, резултат на соработка помеѓу Институтот за јавно здравје и стручните лица од МАГО, Центарот за семејна медицина и Македонското лекарско друштво, е одличен чекор кон намалување на јазот со информации за целото население, а особено за младите, изјави Папиќ Манчева.

Друга пречка што тие веруваат дека ќе се надмине или барем ублажи со постоењето на оваа веб-страница, е присутноста на дезинформациите и митовите поврзани со контрацепцијата.

Како треба или не треба да се чува кондомот, дали два кондома се подобра заштита, чија е одговорноста за користење контрацепција… Во отсуство на сеопфатно сексуално образование во училиштата, се надеваме дека оваа веб-страница ќе им биде корисна на граѓаните, на младите, но и на здравствените работници во заложбите да ги информираат нивните пациенти. Тука мислам и на фармацевтите, кои се најчесто првите здравствени работници со кои луѓето стапуваат во контакт кога им треба совет за здравјето, додаде Папиќ Манчева.

Доктор Глигор Тофоски од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, рече дека различни категории на пациентки кои несакано остануваат бремени, имале или имаат различни опции претходно, да се информираат и да се обезбедат со контрацепција. Или преку програмите од Министерството, или преку невладиниот сектор. За жал, заради немање информации и недостапна контрацепција за нив, тие не ја искористиле таа шанса. Се залагале цело време, да го има што повеќе, барем еден контрацептив на позитивната листа на Фондот.

Тоа ветување уште од 2017 година го добивме, меѓутоа уште не е реализирано, еве сега се прекројуваат листите во Фондот. Она што е уште побитно, таа генерација која расте и е реално најзагрозена, но и оние кои веќе имаат семејство и не сакаат повеќе членови во семејството, исто така да бидат информирани за своите права и за своите можности, да им се обезбеди контрацептивно средство, додаде тој.

Според него, ниската стапка на користењето на орални контрацептиви кај нас, се должи на предрасудите и за жал, нејаснотиите, иако повеќе пати се труделе да објаснат, дека низ годините, милиони случаи користат орална контрацепција, а таа ниту придонесува за неплодност, ниту до други проблеми. Ниту се здебелува од неа, иако најчесто се таквите обвинувања. Во еден дел, додаде, веројатно влијаела и цената, бидејќи не сите луѓе, рече, можат да си ја дозволат како додатен трошок.

Во најголем дел од развиените земји спрема кои ние се стремиме, имаат опција за, барем едно контрацептивно средство и тоа најчесто по избор на жената, нагласи тој, подвлекувајќи дека едукацијата е многу важна, а многу битна е улогата и на семејниот лекар.

Професор доктор Катарина Ставриќ од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, истакна дека контрацепцијата го наоѓа своето место и во случаи кога има одредени болести кај мајки и треба да се одложи бременост, при планирање на разумно растојание помеѓу две бремености.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот