Јалдиз Веапоска пред судот во Струга/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Веапоска: Ако не ја најдам правдата за трите извадени органи во Македонија, ќе ја најдам во Стразбур

Денеска во кривичниот суд Струга по третпат од почеток почна кривичната постапка против тројца доктори од Струга, за извадените матка, јајник и бубрег на родилката од Дебар Јалдз Веапоска. Обвинети се гинекологот Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и докторката Лилјана Јованоска. Тројцата се изјаснија пред судот дека се чувствуваат невини за обвинението кое им се става на товар.

-Обвинителката ме праша дали сум боледувала од некаква болест пред царскиот рез и јас одговорив дека не боледував. Бев сосема здрава, а после целата интервенција сум половина човек и патам и физички и психолошки од целиот случај и од сето тоа што ми се случи. Адвокатот на докторот Мухамед Асани ме праша дали сум свесна и дали сум го прочитала вештачењето во кое пишува дека јас не сум била во кома. Што има врска дали сум била или не сум била во кома, со тоа што докторите ми ги извадија органите? А тоа дека сум била во кома е непобитен факт кој ми го кажаа и лекарите во Скопје. На наредното рочиште во февруари ќе биде повикан и нивниот вештак на сослушување. Ако не ја најдам правдата во оваа држава, во ова судство, правдата ќе ја најдам во Стразбур. Ова враќање назад на процесот од почеток, ме исцрпува, изјави за „Слободен печат“ Веапоска. 

За судија во предметот кој ќе почне по третпат е назначен Јордан Јованов. Веапоска има вештачење изготвено од Институтот за судска медицина во Скопје. Одбраната исто така има изготвено вештачења за одбрана на лекарите кои беа презентирани на минатите рочишта но кај други судии.

Се почнало на 27 август 2020 година, кога Јалдз Веапоска без компликации во бременоста, била упатена од Дебар во Општата болница во Струга да ѝ биде извршен царски рез. Откако се разбудила од операцијата, добила големи стомачни болки.

-Стомакот ми беше толку отечен, што бремена бев помала отколку кога се породив. Чувствував дека целото тело ме боли по операцијата. Одбив да одам дома, освен ако не сакаат со кревет да ме извадат од болницата. Анализите што ми ги направија тогаш беа катастрофа, изјави Веапоска за „Слободен печат“.

Бидејќи при исписот од болницата паднала во епидермички шок, морало да биде транспортирана на скопскиот Клинички центар каде ѝ бил спасен животот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот