
Васил Јованов пред Апелација бара намалување на казната затвор – имам голема грижа на совест
Возачот Васил Јованов кој во мај ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин и е осуден на 12 – годишна затворска казна на јавна седница пред Апелациониот суд бара да му биде намалена казната, додека вишата обвинителка Фатиме Фетаи бара пресудата да биде преиначена и Јованов да добие повисока затворска казна.
Препорачано
Во судница беше присутен и Васил Јованов, спроведен од Затвор Скопје, кој уште еднаш изрази каење за делото.
-Уште еднаш сакам да изразам најдлабоко каење и искрено сочувство на семејството на загинатата. Голема грижа на совест имам за тоа што се случи и болката што ја предизвикав, изјави Јованов.
Судијката известител за предметот, Александра Ристеска информираше дека до Судот по предметот е стигната жалба од ОЈО Скопје за висината на казната, со барање за повисока казна затвор, како и дека жалба на пресудата има и Васил Јованов, преку неговиот бранител, со барање за преиначување на казната со поблага или да ја укине и врати на повторно постапување.
Јавната обвинителка Фатиме Фетаи, рече дека бара жалбата на одбраната да ја одбие како неоснована и жалбата на ОЈО да се уважи, а казната да се преиначи и Васил Јованов дa биде осуден на повисока казна.
– Со вакви возачи, што не почитуваат ниту едно сообраќајно правило никој не се чувствува безбедно. Дополнително, со тоа што против обвинетиот има и други предмети за прекршоци во сообраќајот, што покажува дека обвинетиот не се одвратил од повторување на делото и тоа не влијаело на ревидирање на неговото однесување, туку напротив продолжил со несмален интензитет. Неспорно казната требало и треба да гравитира во горната граница, рече Фетаи.
Бранителот на Васил Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, на денешната јавна седница пред Апелациониот суд Скопје побара намалување на казната за Васил Јованов или враќање на предметот на повторно постапување поради суштествени повреди во постапката.
-Да кажам за институтот на признание на вина, тоа се дава за некоја цел – да се избегнат големи и долги судења, да се стави до знаење на сторителот дека криминалот не се исплати и секако да има некаква олеснителна околност за обвинетиот. Секаде во светот е тоа така. Ве молам, видете го доказот видеото неколку минути по настанот, за да процените дали неговото каење е искрено или од страв за запретената казна. Признанието на вина е искрено и категорично каење, изјави Дуковски.
Второстепениот суд, по јавната седница треба да донесе правосилна пресуда за овој случај кој ја крена јавноста на нозе.
Извор: МИА