
Варшава под тревога: Руски брод изведувал сомнителни маневри кај гасовод блиску до полски град
Полската гранична служба во четвртокот соопшти дека забележала руски рибарски брод кој изведувал сомнителни маневри во близина на гасовод во водите крај полскиот град Владиславово, во услови на зголемена загриженост од можни саботажи во Балтичко Море, објави „Стрејтс тајмс“.
Препорачано
Балтичкото Море се граничи со осум земји членки на НАТО кои ги зголемија напорите за заштита на подводните кабли и гасоводи по низа сомнителни инциденти со саботажи, за кои Западот делумно ја обвинува Москва. Русија ја негира вмешаноста.
„На 1 октомври, руски рибарски брод беше забележан од страна на Граничната служба како ја намалува брзината и изведува сомнителни маневри во непосредна близина на подводен гасовод што му припаѓа на ‘Петробалтик’. Инцидентот се случи на 18 наутички милји северно од Владиславово. По радио-предупредување, капетанот отплови од зоната на критичната инфраструктура,“ се наведува во соопштението на Граничната служба, која се повикува на компанијата што работи во таа област.
Руската амбасада во Варшава не одговори веднаш на испратеното барање за коментар.
Руски воен брод се криел во близина на Данска за време на инцидентите со дронови над аеродромите
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Каролина Галецка, изјави пред новинарите дека бродот се приближил на околу 300 метри од гасоводот.
Претходно премиерот Доналд Туск спомена инцидент во близина на пристаништето Шчеќин – околу 300 километри југозападно од Владиславово – за време на европскиот самит во Копенхаген, без да даде дополнителни детали.
Полските власти веруваат дека руските разузнавачки служби подготвувале серија напади и саботажи на територијата на Полска, како и во соседните Литванија и Германија, користејќи дронови и скриени експлозиви.
Според извори од обвинителството и Агенцијата за внатрешна безбедност, истражителите дошле до клучни докази во истрагата за приведениот агент Владислав Г., за кого се смета дека работел за руската воена разузнавачка служба ГРУ. Наводно, тој добил инструкции да набави лопата, да ископа дупки на локалните гробишта и да закопа конзерви означени како пченка, кои потоа требало да бидат подигнати на однапред одредена локација кај градот Лоѓ.
Инаку, полските болници почнаа со обука на медицински персонал за „најлоши сценарија“ – од големи катастрофи до воени операции.