Вангелов: Евроскептицизмот расте, повеќе Македонци имаат „про-руски“ став

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Огнен Вангелов, доцент по меѓународни односи и меѓународна безбедност на Факултетот за политички науки при УАКС, на денешната панел-дискусија на Универзитет Американ Колеџ Скопје на тема „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“ говореше за ефектите на руската инвазија.

„Реакцијата на Владата на РС Македонија беше брзо да застане на страната на санкциите на ЕУ против Русија. Засега немаме анкети на јавното мислење околу инвазијата. Следејќи ги коментарите и објавите на социјалните мрежи, гледаме дека има поделеност за тоа дали руската инвазија е оправдана или не. Евидентно е дека дел од јавноста ја прифаќа руската квалификација за инвазијата дека таа е со цел да се изврши „денацификација“ на Украина.

И покрај недостигот од анкети за јавно мислење во врска со руската инвазија, политички „про-руски“ ставови кај граѓаните се забележани и пред инвазијата на 24-ти февруари“ вели Вангелов.

Според неодамнешна анкета (пред инвазијата), разочарувањето од политиката на ЕУ во однос на Северна Македонија потхранува политички „про-руски“ став. Перцепцијата за влијанието на ЕУ во Северна Македонија драстично падна на 9% во споредба со оние 45% во 2019-та година. Тогаш, 43% од анкетираните граѓани рекоа дека ЕУ е клучниот партнер за македонската иднина. Денеска само 13% од граѓаните мислат така. Спротивно на ова, дури 45% од етничките Македонци би поддржале Евро-азиска унија предводена од Русија.

Закочената интеграција во ЕУ е клучот во промената на ставовите кај македонската јавност.

Незадоволството кон ЕУ очигледно драстично порасна од 2020-та година, кога Бугарија и стави вето на Северна Македонија, вели Вангелов.

Според него, ваквото незадоволство е резултат на чувството кај граѓаните за, „предавството врз Северна Македонија“ од страна на ЕУ, особено откако беше склучен Преспанскиот договор во 2018-та година кој за значителен дел од јавноста е трауматичен. Но, историски, вели Вангелов, проруската политичка ориентација во Македонија е незначителна. Од независноста до неодамна целиот политички спектар имаше речиси апсолутен консензус за Евро-атлантските интеграции, а тоа се рефлектираше и во анкетите за јавното мислење.

Зголемувањето на евроскептицизмот и внатрешната поларизација може да создадат огромни проблеми, како на внатрешно, така и на регионално ниво. Незадоволството кон ЕУ кое е резултат на неспособноста или немањето волја ЕУ да влијае врз своја земја-членка (Бугарија) чии политики кон Македонија се формулираат врз премиси на екстремен национализам, води кон долготрајни антагонизми, кои пак поставуваат сериозни пречки врз стабилноста на регионот, смета Вангелов.

Новата влада на Бугарија предводена од премиерот Кирил Петков ја намали радикалната реторика и се вклучи во секторски преговори со владата на Северна Македонија, но клучните документи кои ја обликуваат политиката на Бугарија остануваат во сила. Каков било компромис околу овие документи е неможен.

Ситуацијата би можела да го запре напредувањето на Северна Македонија, а може и уште повеќе да го наруши влијанието кое го има ЕУ на Балканот, смета Вангелов.

Следното прашање кое се поставува е какви се импликациите за интеграцијата на Македонија во ЕУ во светло на актуелната криза. Актуелната криза се чини дека нема непосредно влијание врз ставот на ЕУ за Македонија. Најновите соопштенија на ЕУ даваат малку надеж за оптимизам.

Според последните изјави, ЕУ ја „поттикнува“ С Македонија прво да го затвори проблемот со Бугарија пред да се надева на преговори со ЕУ. Бугарија пак инсистира Македонија да ги прифати бугарските позиции за македонскиот идентитет доколку сака да стане членка на ЕУ, а тие позиции, кога ќе се направи споредбена анализа, се многу слични со позициите на претседателот Путин застапени во говорот од 21 февруари 2022 (неколку денови пред инвазијата) и застапени во неговиот есеј за Украина објавен во јули 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот