Фото: Борба за Влае

Утре завршува јавната анкета за ДУП Влае 2: Жителите бараат да се избришат станбените објекти планирани на државно земјиште

Пред неколку денови на јавна презентација на заинтересираните им беа презентирани промените во ДУП направени по првата анкета, но она што и натаму останува во планот е 12-катницата кај поранешното Кино Влае, на која жителите остро се спротивставуваат.

Утре е последниот ден кога жителите на Влае и фирмите на овој простор можат да поднесуваат анкетни листови на повторената јавна анкета на ДУП за Влае 2, во која можат да ги наведат сите забелешки за решенијата што се нудат во планот за населбата. Пред неколку денови на јавна презентација на заинтересираните им беа презентирани промените во ДУП-от направени по првата анкета, но она што и натаму останува во планот е 12-катницата кај поранешното Кино Влае, на која жителите остро се спротивставуваат.

Граѓаните организирани во групата „Борба за Влае“ велат дека Општина Карпош не ги послушала барањата на жителите во однос на зградата.

Претходно оваа зграда беше зацртана да биде скалеста со максимална висина 11 ката. Сега е еден огромен блок од 12 ката, два мали блока од 10 и еден низок од еден кат. Парцелите што се одземени од зградата се наменети за катна гаража, која нема должност да ја изгради инвеститорот на кулите, а со тоа му се олеснува да ја окрупни парцелата – велат граѓаните.

Сега како што објаснуваат, габаритот на зградата кај Кино Влае од 21.100 метри квадратни се намалува на 20.801 м2 вкупна површина на сите катови, што е намалување од 300 метри односно 1,4 отсто.

За споредба, повеќето згради во Порта Влае имаат помалку од 15.000 м2 од зграда.  Ако се одземе 300 метри квадратни од која било зграда тоа ќе биде помалку од пола кат. И пак зградата ќе се гледа од врв на Водно од што ќе биде голема – тврдат од „Борба за Влае“ и додаваат дека оваа зграда не припаѓа во нивната населба, посебно не во таква џиновска форма.

Оттаму се сомневаат дека ова „намалување“ е направено само колку да се покаже пред граѓаните дека нешто е намалено, а всушност, како што велат, само му се олеснува на доминантниот сопственик „Аполо инженеринг“ полесно да ја оформи градежната парцела без да обесштетува други лица и без да се договара со други лица, туку само да откупува за багателни цени земјиште од државата.

Бараме државното земјиште да биде наменето за јавно добро! Објектот да се намали на вредноста на стариот ДУП – објекти со максимална висина 8 метри со намена комерцијални и јавни содржини на локациите на бараките на сегашно Кино Влае за трговија, угостителство, занаетчиски и интелектуални услуги со можност за мал зелен пазар или повеќенаменска сала, административен простор, простории за слободни активности на млади и пензионери со придружни простории – побаруваат од „Борба за Влае“.

Според граѓаните, битно е на анкетата да се побара да се променат работите што им пречат и да се зачуваат оние што се добри. Тие сакаат да се остави игралиштето онакво како што е, а зацртаниот објект со намена за здравствена заштита и образование или да се тргне или да се специфицира дека ќе биде градинка и да се отстрани можноста 40 отсто од него да биде со комерцијална намена.

Општината има можност да ја пренамени оваа парцела или да ја направи 100 отсто приватна градинка или приватна болница. Истото важи и за најавената градинка до ОУ „Димо Хаџи Димов“. Затоа е важно ние да побараме тие објекти да бидат јавни или да ги тргнат. Општината често повторува дека во Влае недостига градинка, а на овој ДУП црта две кои имаат можност за пренамена. Да не дозволиме да ја искористат вистинската потреба нашите деца да одат во локална градинка за Општината да даде атрактивни плацови на сопственици на приватни болници, градинки или инвеститори за згради – апелираат од „Борба за Влае“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот