Урбанистичкиот хаос ја пеплоса безбедноста во Скопје, многу згради недостапни за пожарникарите

Фото: Слободен печат

Урбанистите предупредуваат дека треба да се направат измени во постојните закони што ја третираат оваа област, да се врати фокусот на граѓаните, а не само на профитот на инвеститорите, кои во обид на што помал простор да сместат што повеќе луѓе, честопати забораваат на безбедноста на граѓаните што живеат во објектите за домување.

Скопје е град во кој желбите на инвеститорите и на сопствениците на плацовите ги истиснаа потребите на жителите, во кој зградите и бетонот ги заменија дрвјата и зеленилото, кое се сведе законски на само 20 проценти на една градежна парцела, и град во кој, според граѓаните, екологистите и експертите, одамна се изгубија сите услови за хумано и безбедно живеење. Непланското проектирање, лошата сообраќајна инфраструктура, недостигот на паркиралишта, зелени површини, збиеноста на објектите поради што нема природен проток на воздух и светлина, целиот град, особено централното градско подрачје, го претвори во една голема „спална соба“.

Урбанистите предупредуваат дека треба да се направат измени во постојните закони што ја третираат оваа област, да се врати фокусот на граѓаните, а не само на профитот на инвеститорите, кои во обид на што помал простор да сместат што повеќе луѓе, честопати забораваат на безбедноста на граѓаните кои живеат во објектите за домување. До некои од објектите нема пристапи или се блокирани од паркирани возила, затоа што не се предвиделе доволно паркинг места на парцелите, па возилата се паркирани на улица. Тоа им создава големи проблеми на пожарникарите, кои во случај на пожар не можат да пристапат до објектот.

Во изминатите неколку години во Дебар Маало неколкупати имаше пожар во станбени објекти и секојпат пожарникарите имаа сериозни проблеми да пристапат до објектот во населбата во која зградите се наредени една до друга по тесните еднонасочни улички полни со паркирани возила. Таква е, на пример, улицата Славка Недиќ каде што сите влезови на зградите се блокирани од автомобили, а терасите од становите „висат“ над самата улица. Жителите се загрижени за сопствената безбедност, но се сосема свесни дека нема решение за постојната состојба, за која требало да се размислува уште пред да се донесе ДУП за овој простор и пред да се дозволи ваквата изградба.

Со таков проблем се соочени и жителите на улицата Козара во Капиштец, каде што се дозволи на местото на некогашните семејни куќи на два ката со големи дворни места да се изградат згради. Сега таму дворови повеќе нема, ниту пристап за пожарникарски возила или за механизација доколку се случи некој поголем проблем.

 Буквално сме зграда до зграда, балкон до балкон. Кога го купивме станот во зградата, не ни претпоставувавме дека пред нас ќе се гради друга. Понекогаш имам чувство дека нема воздух, толку е сѐ натрупано. Само да не се случи некаков пожар од задниот дел на зградата, пожарникарите никако нема да можат да пристапат – се жали жителка на Капиштец.

Улица Козара во Капиштец/ Фото: Слободен печат

Вакви црни точки во овој дел од градот има повеќе. Во уличките покрај Водњанска спроти Државна болница претходно имаше куќи, кои „потоа“ пораснаа во згради на 4-5 ката, толку густо изградени што не исполнуваат ниту минимум стандарди за хумано живеење и елементарна заштита од пожари. Всушност, ова е проблем во сите населби низ градот каде што се донесоа Детални урбанистички планови со кои се дозволи објектите за индивидуално домување со приземје, еден кат и поткровје, да можат да станат станбени згради со неколку ката повеќе.

     Зградите треба да се оддалечени една од друга најмалку осум метри

Во член 44 од Правилникот за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи се наведува дека сите градби за колективното домување се проектираат и се изведуваат на начин со кој се обезбедува пристапност на противпожарните возила до објектите, а коловозната конструкција на пристапот треба да е димензионирана да издржи притисок од најмалку осум тони. Она што е особено важно и што го прецизира овој член е дека „ако станбениот објект се гради до постојна градба, или се градат две нови градби, потребното меѓусебно растојание на градбите при проектирањето и изведувањето изнесува 1/3 (половина) од вкупната височина на двете градби, сметано од котата на терен до котата на венец, но не помало од осум метри поради опасноста од пренесување на пожар преку кровот на постојната градба“.

Неодамна Советот на Општина Центар донесе ДУП за Крњево 2, во кој по подолго време јавноста слушна дека се внимавало на растојанието на објектите. Како што нагласи градоначалникот Горан Герасимовски при изработката на овој план се земени предвид сите параметри и се водело сметка да се донесе што е можно подобро планско решение, кое нема да биде на штета на граѓаните.

Земени се предвид и растојанијата меѓу објектите што во стариот план се високи 19 метри и се доближуваат на 5 или 7 метри меѓу себе. Во новиот план нема станбени објекти што со лицето се доближуваат на помалку од 12 метри и тоа е во два случаи, а останатите се со растојание од 16, 20 метри итн. Со поголемата оддалеченост на објектите и разбиените блокови се создава простор што е подобро проветрен, има повеќе светлина и е побезбеден за граѓаните – вели Герасимовски.

ДУП за Крњево 2/ Фото: Општина Центар

Врз основа на Правилникот за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, како што велат од Дирекцијата за заштита и спасување, инвеститорот при изградба на објекти како и за објекти на кои врши реконструкција или пренамена, мора да поседува Елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи.

Елаборатот се поднесува во Дирекцијата за заштита и спасување, односно во нејзините подрачни организациски единици, кои го разгледуваат и даваат согласност за застапеност на мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи или даваат забелешки на Записник доколку не се исполнети условите за согласност пропишани со мерките во Правилникот – објаснуваат од Дирекцијата.

Оттаму прецизираат дека според Правилникот, станбени објекти со височина поголема од 22 метри се проектираат и се изведуваат со пожарни скали за евакуација кои не се употребуваат во нормални услови, а можат да бидат изведени во внатрешноста на објектот или од неговата надворешна страна. Посебно е важно, како што наведуваат од Дирекцијата, тие да бидат целосно во функција за да можат станарите да се евакуираат во случај на пожар, а тоа дали се во функција го контролираат инспекторите при Дирекцијата при редовни или преку вонредни контроли по пријава од станарите за непроодност на сигурносните скали.

Во станбените згради што се пониски од 22 метри излезите во случај на пожар треба да се проектираат преку скалишни простори што се со доволна широчина, слободни, непречени и со најголема должина на патиштата за евакуација до 20 метри.

     Старите згради со подобри можности за евакуација, но пожарните скали блокирани

Досегашните анализи на терен покажале дека во повеќето згради каде што има пожарни скали по нив нема можност за непречена евакуација, затоа што станарите си ги узурпирале и си ги претвориле во „шпајзови“. Таков е случајот со кулите од Градски ѕид изградени во 80-тите години од минатиот век – во ниедна од нив пожарните скали не се во функција. Во пониските згради, пак, каде што влезовите се поврзани преку терасите или преку скалиштен простор, главно не се проодни поради тоа што на зградата во меѓувреме се дозволила надградба или станарите од горните катови си ја узурпирале за свои потреби.

Пожарни скали во висококатница од Градски ѕид/ Фото: Слободен печат

Од Дирекцијата за заштита и спасување сметаат дека можностите за евакуација на граѓаните сепак се подобри во старите отколку во поновите згради.

Старите згради по мое мислење се подобри за евакуација отколку новите згради, бидејќи објектите се граделе архитектонски поедноставно со ортогонални ходници (евакуациски патишта) по врвни домашни и странски стандарди и прописи според проектна документација, за разлика од денес со доста наметнати позиции преку измени во тек на градба занемарувајќи еден елемент за сметка на другиот, кои се во интерес на инвеститорот, побрзо да се изгради и пушти во употреба објектот. Поради брзата градба се јавуваат доста аномалии при пуштање на објектот во употреба, а сето тоа го плаќаат идните станари – вели Љупчо Наумовски, овластен раководител во Секторот за превенција, планирање и развој – Одделение за издавање урбанистичка согласност при Дирекција за заштита и спасување.

Задолжени за издавање одобренија за градба се општините. Оттаму не се многу расположени да одговорат имаат ли увид дали одредбите од елаборатот за заштита од пожари, кој е задолжителен при барањето дозвола, се спроведуваат на терен или не, ниту дали тие како локална самоуправа обезбедиле соодветна инфраструктура за пристап на пожарни возила до објектите. Единствено од Општина Чаир објаснија дека откако ќе им се достави елаборатот, Општината доставува барање за увид во основниот проект до Дирекцијата за заштита и спасување, за понатаму ДЗС да даде согласност или забелешки околу поднесениот проект за заштита од пожари.

 Улиците што се под надлежност на Општина Чаир, имаат соодветна ширина, со што им се овозможува пристап на противпожарните возила до настанатиот пожар. Како предизвик за пристап до настанатите пожари може да се појават паркираните возила до објектите за домување. Населбите со најголем предизвик се Гази Баба, Серава и Дижонска – одговараат од Чаир и додаваат дека дел од старите градби за колективно домување немаат пожарни скали или алтернативни излези во случај на пожар во објектот.

     Активистите се против непланското градење

Невена Георгиевска, екологистка и советничка од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, вели дека активистите се спротивставуваат на беспланско градење каде што не се води сметка за основните начела за хуман и здрав живот.

Секој слободен простор се гледа максимално да се искористи како станбен или деловен простор, бидејќи тоа носи најголем профит, без да се води сметка и за габаритот, изгледот и функционалноста на самите градби. Има сѐ помалку зеленило во испланираните парцели, задолжителните 20 отсто се претставуваат само на слики, предвидениот паркинг-простор не соодветствува со она што е планирано, па паркингот е реализиран на јавен простор во околината. Целата таа претрупаност на возила го загрозува пристапот до самата зграда, а имаме и случаи каде што се даваат дозволи да се реализираат објекти до кои не постои сервисна улица иако во планот постои, но со години не се реализира. Јас во Скопје сѐ уште не сум видела зграда каде што има посебна пристапна улица само за возила на прва помош или на пожарна, ниту, пак, во многуте Детални урбанистички планови што сум имала можност да ги разгледувам – вели Георгиевска.

Таа објаснува дека кога архитектите и планерите ги претставуваат плановите што советниците треба да ги гласаат, обично објаснуваат дека е запазена дозволената оддалеченост од соседната зграда во однос на висината на објектите, но никој не ја спомнал безбедноста за пристап како услов за оддалеченост.

Претпоставувам дека се запазуваат минималните безбедносни услови предвидени за добивање дозволи од институциите. Но, еден е проблемот како и што се планира, другиот проблем е како е тоа изведено на терен и колку е контролирано дали навистина е она што стои во планот – вели Георгиевска.

За тоа дали може и како да се воспостави контрола од овој аспект, Георгиевска смета дека декларативно има надзор, но него го избира самата фирма изведувач.

Ако сакаме навистина да функционира, треба да има промени и во законската регулатива онаму каде што има недоречености или оставен простор за нереагирање, а потоа да се подобри реализацијата на терен. Поголеми и подрастични казни за секоја неправилност почнувајќи од несоодветни плански решенија, до реализација и контрола – предлага независната советничка.

Фото: Слободен печат

     Велковски: Го занемаривме човекот и неговите потреби

Никола Велковски, кој е последниот главен архитект на Скопје во периодот од 2000 до 2003 година и кој преку својата компанија „Инком инженеринг“ учествува во изградба на многу деловни и станбени објекти, вели дека не е само да се изгради зградата, туку неа треба да ја следат и други содржини, сервиси за нормално живеење. Тој смета дека се занемарени човековите потреби.

Ние го занемаривме човекот, неговите потреби. Прво треба да се фокусираме на хуманото живеење, урбанистичките планови треба да го опфатат секој сегмент, број жители, сообраќајна инфраструктура, приоди, спорт и рекреација, образование. За жал, урбанистите денес им робуваат на желбите на сопствениците на парцелите и на инвеститорите. Ова веќе не е урбанизам. Гледаме секојдневно што се случува со ДУП-овите. Се прават измени на делови, блокови од ДУП по нарачка на инвеститорите. Тоа не е добро. Деталниот урбанистички план мора да се гледа како целина, како еден плански опфат во кој треба да се задоволат потребите на сите жители од секој аспект – е ставот на архитектот Велковски.

Во однос на безбедноста и заштитата на зградите, како што вели, инвеститорот е обврзан за секој објект над 300 квадрати да достави елаборат, во кој е опфатено сѐ што е потребно. Но, тоа важи и се почитува за еден објект како единка, не како целина.

      Гласот треба да се „крене“ против лошите закони

Архитектот Мирослав Грчев смета дека денеска во јавноста многу се злоупотребува зборот урбана мафија и тврди дека не постои потранспарентен, подемократски и постручен чин, во кои се вклучени многу институции и субјекти, отколку носење еден ДУП. Сепак, како што вели, тоа не значи дека секој план е совршен и дека не се случуваат злоупотреби во урбанистичкото планирање.

Според Грчев, новиот Закон за урбанистичко планирање е меѓу најнапредните, не само споредено со земјите во регионот, туку и на ниво на Европа, и е исклучок во однос на сите други закони од оваа област кај нас што не се изменети.

Таков е Законот за градење, кој е менуван за партиски и криминални цели, и Законот за градежно земјиште, со небулозната страшна можност сопственик на земјиште кој има 30 проценти да може да откупи уште 70 проценти државно земјиште. Сега секогаш јавноста се крева против овој – оној што ќе почне да гради. Но, зошто? Па тој купил земјиште најлегално, по важечки закон. А кога се носеа тие закони, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, беше општ молк. Тоа го знам сигурно оти јас ги обжалував на Уставен суд – вели Грчев.

Најлошо според него е што домувањето и градењето се оставени на слободен пазар. Во вакви услови сите сопственици на земја го решаваат проблемот со барање за изградба на згради, за тоа што го поседуваат или го наследиле да постигне повисока цена. Од друга страна, општините се оставени без приходи, ним единствен приход им се комуналиите.

Затоа велам, јавниот револт е тргнат во погрешна насока, не треба да се крева глас против ДУП-ови или против изградба на некој објект, туку против лошите закони. А никој не крева глас против законите – тврди Грчев.

Со овој текст, Слободен печат се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот