
Универзитетот во Белград гo повикa обвинителство да ги истражи обвинувањата на студентите за полициска бруталност
Проширениот ректорски колегиум на Универзитетот во Белград испрати отворено писмо до Врховната јавна обвинителка, Загорка Доловац, барајќи итен одговор на сведочењето на студентот за полициската бруталност што наводно се случила на 15 август во Владата на Република Србија, пренесува Данас.
Препорачано
Во писмото се наведува дека академската заедница на Универзитетот во Белград бара вистина и правда, апелирајќи до професионалната и личната совест на обвинителството, „уверени дека ќе постапат во согласност со законот и етичките принципи“.
Ректорот Владан Ѓокиќ, кој го потпишува писмото во име на Проширениот ректорски колегиум, го повика обвинителството да го извести Универзитетот за преземените мерки и дејствија.
Универзитетскиот колегиум особено инсистира надлежното јавно обвинителство да издаде наредба до Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи со цел собирање информации, утврдување факти и обезбедување докази. Во писмото се нагласува дека сведочењата на студентите и граѓаните за „сурово и незаконско постапување“ се поврзани и со високи полициски службеници, што, како што се тврди, предизвикува страв, несигурност и негодување кај јавноста.
Членовите на Колегиумот го изразија и своето незадоволство од изјавата на Министерството за внатрешни работи, кое ги негираше изјавите на студентите, без да ја спроведе постапката утврдена со закон.
„Никој, особено полицајците, не треба да биде заштитен од истрага и одговорност“, се вели во писмото.
Колегиумот нагласува дека тврдењата на студентите се засноваат на основано сомнение дека од страна на овластени полициски службеници се извршени тешки кривични дела и дека државата, доколку сака да се нарече правна држава, е должна да спроведе законски пропишани дејствија и да ја потврди валидноста на овие сомневања.
Универзитетот нагласува дека целата јавност е вознемирена од овој настан и дека утврдувањето на вистината е „правна и морална обврска што не смее да се занемари“.
За потсетување, на протестот на 15 август, полицајци, заедно со командантот на ЈЗО, Марко Кричак, нападнаа студенти и граѓани во владината гаража, а според студентката Николина Синѓелиќ, Кричак ѝ се заканувал со силување за време на полициската бруталност.