УНИЦЕФ/ Фото: МИА

УНИЦЕФ и Собранието ќе го одбележат Светскиот ден на детето

По повод Светскиот ден на детето – 20 Ноември, Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и Собранието организираат настан насловен „Децата го преземаат Собранието“.

На настанот ќе се обратат претседателот на Собранието, Талат Џафери и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани, а потоа е предвидено децата да ја преземат собраниската седница на која ќе се говори на теми кои тие ги избрале како најважни.

Меѓу нив се прашањата за квалитетно образование, учество во донесувањето одлуки што го засегаат нивниот живот и состојбата со менталното здравје.

-Целта на настанот, кој на децата и младите ќе им даде простор да ги споделат своите гледишта, е пратениците одблизу да слушнат за напредокот поврзан со нивните права. Децата и младите пред народните избраници ќе ги претстават нивните најгорливи прашања, потреби и загрижености. „Децата го преземаат Собранието“ претставува можност да се зборува и за некои од препораките од последните Заклучни согледувања на Комитетот за правата на децата, наведуваат Собранието и УНИЦЕФ.

Оваа година земјава одбележува 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години од работата на УНИЦЕФ.

За датум на Светскиот ден на детето е избран 20 ноември кога е годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата. Се одбележува како ден за акција од децата за децата на глобално ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот