
Унгарски новинар: Дипломатски извори ми потврдија дека посредуваме на кинески заем во Северна Македонија
Повеќе унгарски портали поставуваат едно исто прашање: Која е заднината, зошто на Северна Македонија ѝ е даден кредит по толку ниска каматна стапка?“
Кредитот од 500 милиони евра за кој набргу се очекува да стават потпис македонската влада и Унгарската експорт-импорт приватна банка (ЕКСИМ) ја бранува и унгарската јавност. Тамошните медиуми деновиве интензивно ја пренесуваат веста дека истражувачкиот портал на Вишеградската група „Висквер“ („Vsquare“) пишува за поврзаноста на македонскиот заем од Унгарија со унгарската позајмица од Кина.
Препорачано
Пред една недела „Висквер“ го објавила редовниот њузлетер „Гулаш“ на својот новинар Саболч Пањи (Szabolcs Panyi) кој тврди дека од дипломатски извори ја има информацијата за поврзаноста на кинеските пари со македонскиот кредит.
„Овој јули Унгарија објави заем од 500 милиони евра за Северна Македонија, земја повторно предводена од националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ која се смета за близок сојузник на Виктор Орбан. Набргу потоа, податоците од Унгарската државна агенција за долгови откри дека Унгарија самата земала заем од 1 милијарда евра од Кина, факт за кој владата на Орбан не информираше во јавноста. Повеќе дипломатски извори ми кажаа дека двата заема се поврзани, што укажува на тоа дека Унгарија користи кинески средства за поддршка на Северна Македонија – во суштина, делува како посредник на Кина“, напиша Пањи.

Фото: Личен профил на Икс платформа
Тој вели и дека неговите извори остануваат збунети од ангажманот на Унгарија, особено кога владата на Орбан се соочува со свои финансиски борби.
„Она што ја прави приказната уште помистериозна е тоа што, според меѓународно поврзан бизнис извор, Унгарија првично се надевала дека ќе обезбеди многу поголем заем за време на посетата на Кси Ѓинпинг на Будимпешта како замена за замрзнатите ЕУ-фондови на земјата. Јас, на пример, имам толку многу прашања – зошто Унгарија застанува пред Кина? Зошто да ги подарите и тие 500 милиони евра? – но владата на Орбан уште еднаш не одговори на моето барање за коментар“, напиша Пањи.
Летово со оваа тема се занимаваше и порталот magyarnarancs.hu, кој пишува дека банката и другпат давала кредити, но нагласи дека е многу чудно зошто Банката одобрила оволку ниска камата – фиксна од 3,25 проценти.
„Во принцип, ова убаво би се вклопило во профилот на ЕКСИМ, бидејќи банката веќе обезбеди сличен пријателски заем: во 2021 година, исто така, ја поддржа владата на босанскиот Србин Милорад Додик, кој тогаш исто така победи на изборите, со 45 милијарди форинти трансферирани во евра (110 милиони евра н.з.). И тогаш за договорот не известуваше финансиската институција, туку весниците на босанските Срби. Фактот за трансакцијата конечно беше потврден врз основа на финансиските извештаи на банката, но договорот не може да се најде меѓу трансакциите на ЕКСИМ, за разлика од голем број други заеми на трети земји воспоставени на сличен принципи (…) Но, оваа камата од 3,25 проценти е дури и пониска од онаа што државата ја плаќа како камата на која било обврзница или заем. Според податоците на Центарот за управување со државниот долг, на последните аукции годишната каматна стапка на државните обврзници со рок на доспевање од 15 и 20 години била над 6 отсто, додека пократките рочности можеби биле под 6 отсто. Ова значи дека унгарската држава поскапо го финансира сопствениот долг отколку што дава кредит за Северна Македонија“, пишува порталот и заклучува: „Каков бизнис има Унгарија во ова, тоа е мистерија“.
Премиерот Христијан Мицкоски и завчера одговарајќи на новинарски прашања рече дека заемот не е од Кина, туку од европска земја. Тој рече дека само „ македонската опозиција успева на еден чуден начин да го најде потеклото на парите од заемот“.
– Тоа е исто како во чаша да ставате вода од три шишиња, по една третина, и да кажете првата третина е од ова шише, втората третина од ова шише, третата третина од ова шише – рече Мицкоски и запраша зошто ако позицијата има толку против кинеските пари, потпишала договор за патот Кичево-Охрид.
Кредитот истовремено стигнува со писмо со намери до македонската влада од унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG Групација“.
„Според информациите од независни медиуми во Унгарија „4iG“ е компанија со која раководат луѓе блиски на премиерот Орбан. Проблематичен е фактот дека „4iG“ има стратешко партнерство со кинески „Хуавеј“ што е во спротивност со домашното законодавство кое бара набавка на современа 5Г-мрежа исклучиво од доверливи добавувачи, меѓу кои не спаѓаат кинески компании. Измените на Законот за електронски комуникации, донесен е пред три години. Имено, измените беа донесени откако во октомври 2020 Северна Македонија потпиша меморандум за соработка со американската администрација, кој предвидува пристап на ‘чисти’ и доверливи производители на 5Г-мрежи“, пишуваше „Војс оф Америка“.