Унапреден обвинителот што ги отфрли пријавите за Христовски – Коцевски нем на критиките на Мицкоски

Обвинителот Владимир Милошески кој ја водеше постапката во скопското обвинителство за сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност и кој заклучи дека нема докази Христовски да се гони кривично за фалсификуван сертификат по англиски јазик, на денешната седница на Советот на јавни обвинители е избран за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.

За две места во Вишото обвинителство беа пријавени девет кандидати, а Советот едногласно ги избра Дарко Јакимовски и Владимир Милошески, досегашни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, за нови членови на Вишото јавно обвинителство Скопје. Милошески во јавноста е познат и по предметот „Поткуп“ што се водеше против поранешниот премиер Зоран Заев пред да дојде на власт познат во јавноста како „Едно евро за Вицето, едно за црквата“.

Владимир Милошески – Фото/Принтскрин

Тој го водеше и предметот за автобуската несреќа во Бугарија понат како „Беса транс“, предмет кој уште не е завршен, а на сопственикот му се суди за фалсификување на лиценца.

Јакимовски пак од поголемите предмети беше обвинител во предметот за несреќата кај Ласкарци, кој неодамна заврши со правосилна пресуда, како и предметот за нападот врз Зијадин Села во Собрание.

Обвинителството го „исчисти“ Христовски, но не докажа дека сертификатите се валидни

За ова место конкурирале обвинителот Александар Маркоски, кој е обвинител во предметот против возачот Васил Јованов, кој ја прегази младата Фросина Кулакова, Марија Ѓоргева, Сања Бурјакоска Китановска, Зоран Маркоски, Јасмина Костеска Здравеска, Спасенка Андонова и обвинителот Љубомир Лапе од поранешното Специјалното јавно обвинителство, кој со години конкурира за Вишото обвинителство, но и овој пат не го избраа.

Што одлучи обвинителството?

Пред два месеца скопското обвинителство ги отфрли анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за кривични дела – фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина.

Од конфузното соопштение од Обвинителството, јасно беше само дека се отфрлени анонимните пријави против директорот, иако Обвинителството не утврдило дали сертификатите на Христовски се валидни. Директорот полагал онлајн во домашни услови и во сабота успеал да добие сертификат.

Притисок, упад и целосна партизација на правосудниот систем – реакции за најавите за разрешување и за интерпелациите

Обвинителството пет месеци чекаше одговор од бугарските институции за јазичното студио „Јулија“, но одговор на прашањата не доби бидејќи сопственичката на студиото не била во Бугарија, додека, пак, другиот сертификат што го приложил Христовски во Владата и во другите институции каде што конкурирал за директор и за асистент бил од 2022 година и Сервисот за едукација и тестирање ЕТС, како единствената организација што е меѓународен тестатор за ТОЕФЛ-сертификати, не можело да издаде известување или да ги верификува резултатите и тестот бидејќи поминале две години од полагањето.

Обвинителот Јакимовски на судењето за Ласкарци

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски во телевизиско интервју се обиде да објасни зошто донеле таква одлука, но заклучокот беше дека дилемата за веродостојноста на сертификатите постои, но Обвинителството не може да одлучи поинаку од она што го кажуваат доказите.

Кариерата на Христовски како директор на АНБ почна со обвинувања за лажен ТОЕФЛ-сертификат по англиски јазик, но и со безрезервна поддршка од премиерот Христијан Мицкоски. Одлуката на Обвинителството беше донесена откако Владата ја запре постапката за разрешување на Коцевски и покрај претходните жестоки критики за работата на обвинителите.

По извештајот на Европската комисија за владеење на правото за оваа година во кој се најдоа најавите на премиерот за „робусни акции“ против судиите и обвинителите, заканите за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, интерпелациите против членови на Судскиот совет, постапката што ја почна Владата за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Мицкоски излезе со контрапредлог: „Нека дојде Европската комисија и нека избере Судски совет и обвинители, само нека ги тргнат овие“, критикувајќи ги обвинителите и судиите за ниското ниво на доверба.

Сепак Коцевски, и покрај ваквите критики, пред седницата на Советот на јавни обвинители не ја коментираше изјавата на Мицкоски и покрај упорните новинарски прашања.

Коцевски не го коменира Мицкоски

– Ставот на премиерот е негов став и тоа е политичка изјава и секако дека тој ќе даде коментар, став околу неговиот став. Не можам да коментирам тоа е сепак став на премиерот и во тој дел немам коментар – рече Коцевски.

Коцевски истакна само дека тој е задоволен од Извештајот на Европската комисија и рече дека правилно ги проценила работите.

Нека избере Европската комисија судски совет и обвинители, само нека ги тргнат овие – контра – предлог на Мицкоски

– Последниот период навистина се зголеми, почнувајќи од транспарентноста и потоа она сѐ што јас го ветив на почетокот, а тоа е давање приоритет на предметите за висока корупција и тие се ажурираа и до овој момент навистина имаме успех. Во однос на останатото, точно е тоа дека Јавното обвинителство има помалку предвидени средства во однос на она што следува со закон и тоа го воочила Комисијата, така што во тој дел сметам дека сè она што е напишано е реално во однос на односот на Јавното обвинителство. Можам да кажам одговорно дека лично на мене нема никакво влијание ниеден политичар досега во однос на некои предмети – рече Коцевски.

Тој не кажа конкретно дали тоа што не се одобруваат вработувања во Јавното обвинителство го смета за притисок во работата, но истакна дека и покрај барањата за нови вработувања, тие не се одобрени веќе две години, што го отежнува функционирањето на институцијата.

– Јас како државен јавен обвинител досега сум одел на секој ребаланс на буџетот и сум одел на избирање на буџетот и тоа го повторувам пред пратениците дека навистина ни се потребни средства онолку колку што најмалку предвидува законот. Тоа е 0,4 отсто од буџетот, со тоа што токму така, во овие последниве две години не е одобрено ниедно вработување. Јас како државен обвинител и за минатата година барав само 100 вработување на ниво на Македонија, што значи административна служба, меѓутоа не ни беше одобрено ниедно и оваа година истото го повторив и барав само 100 вработувања. Меѓутоа и годинава работиме со јавнообвинителска служба од една третина – истакна Коцевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот