Фото: Фесјбук/ Борба за Влае

Улицата Есперанто може да си остане крива наместо да се исправа преку дворот на училиштето

По поништувањето на Регулацискиот план, Општина Карпош треба да донесе нов ДУП за Влае и да покаже дека се грижи за жителите и учениците со тоа што ќе направи подобро планско решение

Советот на Град Скопје на последната седница го поништи Регулацискиот план на Генерален урбанистички план 2012-2022, кој се однесува на населбата Влае, поточно на градската четврт С3 19. Врз поништениот план е базирана изработката на ДУП за Влае, против чие донесување цела година се борат жителите на населбата организирани во граѓанската група „Борба за Влае“. Новиот план, кој сѐ уште не е донесен, предвидува изградба на згради кај поранешното кино и на просторот кај „Кам“ маркетот, но и маркички за згради на улицата Есперанто, која според ДУП треба да се пробива и поминува пред училиштето „Димо Хаџи Димов“, но и други содржини со кои граѓаните не се согласуваа.

Борбата на влаевчани заврши во нивна корист откако на нивно барање, советниците од „Зелен хуман град“ предложија до Советот поништување на Регулацискиот план, а мнозинството советници гласаа за овој предлог. Од граѓанската иницијатива сметаат дека ова покажува дека граѓаните мора да се самоорганизираат и да станат дел од локалните совети за да се осигурат дека ќе се носат одлуки со кои ќе се заштити јавниот интерес.

Сите знаеме со која брзина се дигаат облакодери, а колку е бавна правдата за обичниот човек. Со оваа предлог-одлука му даваме моќ и надеж на секој граѓанин дека има претставници во локалните совети што стојат рамо ро рамо со нив, а не наспроти нив – изјави Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

Од „Борба за Влае“ сметаат дека поништувањето на планот е огромна победа за граѓанските иницијативи. Притоа оттаму дообјаснуваат зошто било важно да се укине Регулацискиот план за оваа населба.

Регулацискиот план не е само „регулирање“ на ГУП. Тој мора да има исти параметри како ГУП, ама Регулацискиот одредува и каде ќе бидат внатрешните улици во четврта. Тие улици не се одредени со ГУП, тие улици (како новата траса на Есперанто) се дело строго на Регулацискиот план! Затоа Регулацискиот план може да биде и лош. Тој не е само следење на регулативата. Туку има и одлуки што се донесени во самиот план – велат од „Борба за Влае“.

Оттаму тврдат дека не е точно, како што било споменато во дискусијата на седницата, дека со поништувањето на планот граѓаните на Влае 2 нема да можат да градат, доградуваат и слично.

За граѓаните да градат им треба ДУП, не Регулациски. Затоа ДУП-от што е во тек, треба да се коригира што побрзо и да се постави на втора јавна анкета. Регулацискиот не дава можност за одобренија за куќите, но дава можност за одобренија за улиците. Во Регулацискиот нема градби. Но има сервисни улици. Општина Карпош започна и заврши урбанистички проект за нова траса на улица Есперанто благодарение на тој штетен Регулациски план. Доаѓаме до заклучок дека претходното раководство и Советот на Скопје и Карпош го донеле тој Регулациски план за да не се чека на ДУП-от и Општината да му ја изведе новата траса на Есперанто на инвеститорот „Аполо инженеринг“ на време. Па кога ќе се донесе ДУП, веднаш да си ја купи старата траса на Есперанто и да почне да гради – објаснуваат од „Борба за Влае“.

Жителите се надеваат дека градоначалничката Данела Арсовска ќе ја спроведе одлуката во „Службен гласник“, а Општина Карпош ќе го преработи ДУП-от каде што ќе ја задржи постојната траса на Есперанто, нешто за што досега од Општината им објаснувале дека не можат да го спроведат затоа што Регулацискиот план им го „врзува рацете“.

Од „Борба за Влае“ се согласуваат дека нов ДУП мора што побрзо да се донесе, со неколку измени во овој што сега се предлага.

Потребно е само да се тргнат од ДУП маркичките за комерцијални и станбени објекти на државно земјиште. Зборуваме за помалку од пет објекти наспроти стотици домови. Нека ги тргнат само тие неколку објекти, нека се донесе ДУП за да можат жителите да инвестираат во своите куќи, па во некој нареден ДУП, ако има интерес, нека пробаат повторно да ги нацртаат комерцијалните и станбените градби – предлагаат од граѓанската група.

И велосипедистите од „На точак“ очекуваат Општина Карпош да покаже дека се грижи за жителите и за учениците и да направи подобро планско решение.

 Да лоцира зеленило, големи дрвја и голем тротоар за заштита на учениците на западната страна кон школскиот двор, каде што е логично, да лоцира велосипедски патеки во двете насоки и коловозот да го помести кон исток. И секако да обезбеди десетина паркинг-места за оставање на учениците, не огромен паркинг и куп асфалт! Нема потреба од два коловози, тоа знаеме дека нема да се изведе. Просторот само ќе се девастира и присвојува ако остане таков планот, како што гледаме на лице место. За Ангел Динев е потребно сосема ново решение во склад со современите вредности за климатска отпорност! Ангел Динев може да стане прекрасно маалско шеталиште, наместо мртва улица – објаснуваат од „На точак“.

Тие велат дека нивните предлози за подобрување на Регулацискиот план, можеле да бидат прифатени уште пред две години и сега Карпош би имал современ зелен ДУП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот