Убиецот на студентот во Штип имал статус на турист во Македонија, велат од МВР за „Слободен печат“

Убиецот на студентот во Штип имал статус на турист во Македонија, велат од МВР за „Слободен печат“, што значи дека легално можел да престојува во земјава до 90 дена. Двајца од тие што се обидуваа да му помогнат да избега и се лишени од слобода имале регулиран студентски престој во Македонија, а останатите двајца вклучително и убиениот турски државјанин не го продолжиле студентскиот престој во државата. Порано имале дозвола за студентски престој ама не ја продолжиле, потврдуваат од МВР за „Слободен печат“.

Ладнокрвното убиство на 25-годишен студент по дентална медицина се случи вчера во кафуле во центарот на Штип. Застреланиот им подлегнал на повредите во интензивна нега после неуспешна реанимација, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од болницата во Штип. Жртвата имала повеќе прострелни рани во стомакот карлицата и надлактицата. Станувало збор за „изрешетан“ пациент, велат докторите со кои разговаравме.

Нејасни се мотивите за нападот кој ја вознемири македонската јавност. Околу станот во кој престојувал сега починатиот студент денеска имаше зголемено присуство на полициски сили.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип извршил увид на локацијата во кафе барот каде студентот беше ликвидиран со истрели од огнено оружје.

Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани.

Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат, велат од Јавното обвинителство.

Напаѓачот кој го уби младиот човек осамна на социјалните мрежи на снимки од безбедносните камери. На видеото се гледа дека ладнокрвно влегува во кафулето и во минување испукува неколку куршуми кон жртвата која седи во кафулето, по што мирно излегува од другата страна. Полицијата го уапсила а пронајдено е и неговото оружје со кое е извршено кривичното дело, информираат од Обвинителството. Заедно со него во драматична потера на автопат, во која бил вклучен и дрон, уапсени се уште четворица што му помогнале да избега.

Во 21 часот и 25 минути во СВР Штип е пријавено дека во угостителски објект на Градскиот плоштад во Штип било пукано со пиштол кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22 часот и 10 минути починал. По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото, велат од МВР.

Имено, во 22 часот и 15 минути на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило БМВ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода. Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев акцијата на органите ја опиша како решителна и брза.

Со решителна и брза акција, уапсен е осомничениот за убиството во Штип, вклучувајќи четворица соучесници. Сите се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со Јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. Злосторниците се фатени благодарение на одличната координација помеѓу СВР Штип, СВР Скопје, Единицата за интервентна полиција, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Единицата за брзо распоредување. Оваа акција е само уште еден пример за професионализмот и посветеноста на нашите полицајци кои секојдневно се грижат за нашата безбедност, а показател и дека со меѓусекторска координираност и поддршка, брзо, ефикасно и успешно се решаваат и најтешките случаи. Благодарност до сите храбри и посветени колеги кои овозможуваат сите да се чувствуваме безбедни. Нивниот професионализам и храбри срца треба да бидат репер за големината и функционалноста на целиот систем, наведе тој.

СДСМ побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за како што рекоа „безбедносната криза“.

Дивеење како на филм, за на крај да слушнеме за убиство на уште еден млад човек. Како е возможно турски државјанин да поседува пиштол? Чие е возилото со кое бегал и пукал дури и на патарина? Кој го дозволил ова безредие или најточно кажано анархија? Општ хаос се случува по македонските улици. Нема ден, а да нема убиство, тепачка – граѓаните стравуваат за својата безбедност – не е сигурно ниту на улица, ниту во кафе бар, ниту дома. Вчерашното убиство во Штип, во кафе бар, е само последно во низата убиства што се случија изминатава година и тоа јавно пред сведоци. Македонија се соочува со безбедносна криза. Министре Тошковски, уште убиства е потребно да се случат за да ви пропаботи совеста и да превземете одговорност.СДСМ бара целосно расветлување за убиство во Штип и одговорност за секој друг нерешен случај.рече меѓу другото портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Партијата Левица излезе со соопштение во кое велат дека владејачката гарнитура до Собранието доставила предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје.

„Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице. Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки. Ја повикуваме и експертската јавност да се одважи за најавените измени за трговијата со оружје, со цел да се спречи носење на уште еден штетен закон кој дополнително ќе ја загрози и онака кревката безбедност“, порачаа од Левица.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот