
Творештвото на Андреј Ал-Асади ќе биде претставено на книжевна вечер во КИЦ-Скопје
Културно-информативниот центар – Скопје на 25 септември 2024 година, во Салон „Империјал 2“, со почеток во 19:30 часот, организира Книжевна вечер со Андреј Ал-Асади. Настанот ќе го модерира Јулијана Величковска.
Препорачано
Поетот Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues“ (2013, „Антолог“), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, „ПНВ Публикации“), „Небесна геометрија“ (2019, „ПНВ Публикации“) и „Секој секому огледало“ (2021, „ПНВ Публикации“) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“, што ја доделуваат СВП.
Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 година ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, „Бегемот“).
Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, Струшки вечери на поезијата, Светскиот поетски фестивал во Патра, Грција, и на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска.
Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на грчки и на италијански јазик. Член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал.