Фото: MilliTakimlar/x

Турција бара суспензија на Израел од УЕФА и ФИФА

Турција стана првата членка на Европската фудбалска унија (УЕФА) која јавно повика на суспензија на Израел од меѓународниот фудбал, нарекувајќи ја ситуацијата во Газа „нехумана и неприфатлива“.

Претседателот на Фудбалската федерација на Турција, Ибрахим Хаџиосманоглу, испрати писмо до челниците на светскиот фудбал во пресрет на седницата на Извршниот комитет на УЕФА следната недела, на која можно е да се разгледа суспензијата на Израел.

„Сега е време ФИФА и УЕФА да делуваат. Иако се позиционираат како бранители на граѓански вредности и мир, спортскиот свет и фудбалските институции премногу долго молчеа“, наведе Хаџиосманоглу во писмото, пренесе агенцијата „Анадолија“.

Хаџиосманоглу не е член на 20-члениот одбор на УЕФА, но се очекува дека таму би можело да има мнозинство за исклучување на Израел доколку дојде до гласање.

Од друга страна, американскиот Стејт департмент во четвртокот соопшти дека ќе работи на спречување на каков било обид Израел да биде исфрлен од Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој е близок со организаторите на Мундијалот и со американскиот претседател Доналд Трамп, засега не покажува дека би ја поддржал суспензијата.

Израел моментално настапува во квалификациите за Светското првенство, а следниот натпревар го има на 11 октомври во Осло.

Во меѓувреме, истражната комисија на Обединетите нации објави дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа, по што шпанскиот премиер Педро Санчес побара спортски санкции против оваа земја. Тој истакна дека Израел треба да биде третиран исто како Русија, која во 2022 година беше исклучена од меѓународните натпревари поради војната во Украина.

Израел редовно ги негира обвинувањата за геноцид, тврдејќи дека неговите акции се оправдани како самоодбрана. Нападот врз Газа уследи како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени 1.200 луѓе, а 251 лице беше киднапирано. Според податоците на палестинското Министерство за здравство, од тогаш во Газа загинале најмалку 65.000 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот