Турбо-јубилеј за „Рамковниот“ или предвремена кампања за ДУИ?

Свеченост по повод 8 Септември - Денот на независноста/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците објавилo оглас за организација на настани и продукција на разни материјали по повод одбележувањето на 20-годишнината од Рамковниот договор.

Тендерската постапка се однесува на набавка на билети за превоз, рекреативни, културни и спортски услуги, хотелски услуги, услуги за организирање на настани и печатени предмети и сродни производи. Јавна набавка е поделена на 4 дела – организирање на настани и културни манифестации, креатива, авио-билети и сместување и превоз, со тоа што секоја компанија ќе може да учествува на еден или повеќе дела.

Од опозициската Алијанса за Албанците велат дека тримесечна прослава со парите на граѓаните, во време кога самите граѓани трпаат тешки последици од кризата не е ништо друго освен предвремена кампања.

– Да размуслувале за спроведување на Рамковниот Договор вака како што мислат за прослави во негово име, ќе бевме во сосема друга ситуација. Срамно е да организираш три месечна прослава за 20 годишнина на договор, а од друга страна и по 20 години сè уште се зборува за тоа кога договорот ќе се спроведе целосно. Три месечна прослава со парите на граѓаните, во време кога самите граѓани трпаат тешки последици од кризата не е ништо друго освен предвремена кампања, , каква што знаеше да направи само Никола Груевски, а еве сега и Артан Груби. Се поставува прашањето, што ќе слави: членство во ЕУ, интеграција и рамноправност на сите заедници, независно судство, социјална правда, етничката застапеност, или кој друг од столбовите на Охридскиот договор е целосно спроведен? Оваа е злоупотреба на парите на граѓаните за тримесечна партиска предвремена кампања која таман завршува пред да почне редовната кампања – изјави за „Слободен печат“ Ремзи Мехмеди, потпреседател на партијата Алијанса за Албанците.

Се поставува прашањето, истканува тој, кој ќе ги добие парите за спроведување на оваа манифестација-кампања, кога веќе знаеме како завршуваат парите на сличните активности организирани од ДУИ и во оваа и во минатата Влада.

– Не би се чудиле ако и оваа идеја е патентирана од Рашковски или некој друг Рашковски од редовите на ДУИ – нагласува Мехмеди.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека недомаќинското трошење на парите на граѓаните за било какви прослави и луксузирање, што е актуелно и со набавката на луксузни лимузини за ФЗО, е само показател за расипништвото на власта.

– Ова недомаќинско трошење на пари е директен шамар кој власта им го мава на граѓаните кои немаат приходи за да преживеат. Злоупотребата на овие пари за лични и партиски цели и поени не може да ја надополни неспособноста на власта да го подобри стандардот и животот на граѓаните – изјави за „Слободен печат“ Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот за јавната набавка ќе биде со времетраење од три месеци, а манифестацијата, односно самите настани е предвидено да се реализираат од јуни до август годинава, а точните датуми ќе се одредат во соработка со Министерството за здравство. По склучување на договорот, договорниот орган навремено ќе го извести носителот на набавката за бројот на гости, културни манифестации и настани и потребна „креатива“.

Антикорупциската комисија засега не го испитува овој случај, но на прашање на „Слободен печат“ вели дека на следниот колегиум ќе го отвори прашањето и ќе одлучува дали во начинот на кој се прославува годишнината од Рамковниот има елементи на злоупотреби или судир на интереси и дали ќе се отвори предмит за нивно испитување. „Ќе провериме дали има за нас таму работа“ – велат од ДКСК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот