
Три жени умреа за една недела во бизарен ирански затвор: Зошто „Карчак“ е познат како жив пекол?
Политичката затвореничка Сомајех Рашиди починала на 25 септември 2025 година откако затворските власти повеќепати ѝ одбиле медицинска грижа и задоцниле со нејзиното префрлање во болница. Таа била уапсена во април заради критички слогани и претепана при апсењето. Полицајци ѝ ја удирале главата од ѕид, ѝ седнале на градите и ѝ нанеле повеќе удари по лицето, нозете и стомакот. Нејзината здравствена состојба драстично се влошувала во затворот „Карчак“ додека наместо лекување добивала седативи.
Во рок од нешто повеќе од една недела, три жени починаа поради одбивање на медицинска грижа во женскиот затвор „Карчак“ во Иран — пренатрупан, болен и злогласен објект познат по злоупотреби и нечовечки услови. Овие последни смртни случаи ја нагласуваат кризата во затворите на Исламската Република што произлегува од систематското одбивање на иранските власти да обезбедат основна медицинска грижа за затворениците, објави „Иран хјумен рајтс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Затворениците не умираат — тие се убиваат од намерното одбивање на критична медицинска грижа од страна на Исламската Република во затворот „Карчак“, и повеќе ќе умрат во наредните денови ако не се преземат итни меѓународни мерки за да се повикаат иранските власти на одговорност,“ изјави директорката за застапување во Центарот за човекови права во Иран (ЦХРИ), Бахар Гандехари.
Со услови кои претставуваат директна закана за животот, „Карчак“ е жив пекол за жените кои се држат таму по разни обвиненија, вклучувајќи и политички. Затвореничките немаат пристап до критична медицинска грижа, што доведува до нивна смрт, немаат пристап до чиста вода и соодветна храна, се изложени на физичка, психолошка и сексуална злоупотреба од страна на затворските власти, се држат заедно со насилни криминалци што претставуваат опасност, се сместени во валкани, пренатрупани услови, често приморани да спијат на под и се лишени од минимални санитарни услови и вентилација
„Одбивањето на основната медицинска грижа е бавна смрт и е еднакво на тортура. Иранските власти одговорни за грижата на затворениците го претворија затворот ‘Карчак’ во место на насилство и смрт. Време е да се затвори пред да се загубат уште животи“ рече Гандехари.
Смрт на затворенички поради недостиг на медицинска грижа
На 25 септември 2025 година, политичката затвореничка Сомајех Рашиди на 42-години почина поради повтореното одбивање на медицинска грижа од затворските власти и ненавременото префрлање во медицинска установа.
Рашиди била насилно уапсена во април 2025 година во Техеран за пишување слогани критички кон владините политики. Полицајци ѝ ја удирале главата од ѕид, ѝ седнале на градите и ѝ нанеле повеќе удари по лицето, нозете и стомакот.
Била затворена во Евин, а потоа префрлена во „Карчак“ по израелскиот напад врз Евин во јуни 2025 година. Нејзината здравствена состојба се влошувала, додека нејзините барања за грижа и предупредувањата од семејството биле игнорирани. Наместо третман, добивала седативи. На 15 септември добила напад и била префрлена во болница во полусвесна состојба, каде што докторите констатирале дека доцнењето предизвикало неповратни оштетувања. Починала 10 дена подоцна.
Четириесет и пет политички затворенички во „Карчак“ издадоа заедничка изјава дека повеќепати ги сведочеле нејзините тешки напади и дека секогаш била враќана во затворот без вистински третман.
Само неколку дена пред нејзината смрт, уште две жени затворенички обвинети за финансиски прекршоци, Џамиле Азизи и Судабех Асади, исто така, починаа поради одбивање на медицинска грижа.
Претходно, во јануари 2025, уште една затвореничка, Фарзане Бижанипур, почина во „Карчак“ поради недоволна медицинска помош.
Штрајкови со глад во знак на протест
Овие смртни случаи поттикнаа бројни штрајкови со глад. Наставникот и политички затвореник Мехди Фарахи Шандиз започна штрајк на 28 септември, а му се придружија и други политички затвореници како Хамид Ардалан. На 30 септември, 19 политички затворенички во „Карчак“ започнаа дводневен штрајк со глад за да ја изразат жалоста и протестот.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади, рече:
„Држењето на болни затвореници во затворите на Исламската Република е јасен пример на тортура, а нивното убивање преку одбивање на медицинска грижа е злосторство“.
„Карчак“: пекол за жените затворенички
Затворот „Карчак“, сместен во пустински предел јужно од Техеран, првично бил живинарска фарма, потоа центар за рехабилитација, а од 2010 година е претворен во женски затвор. Познат е како еден од најзлоупотребуваните затвори во Иран со пренатрупани ќелии, нечистотија, инсекти, без вентилација, без медицинска опрема и со чести прекини на вода и на струја.
Поранешни и сегашни затворенички сведочат за сексуална злоупотреба, експлоатација за основни потреби и нехумани услови што довеле до ширење на болести.
Правници и активисти повикуваат на меѓународна одговорност, санкции за одговорните лица и истраги од независни тела како Мисијата за утврдување факти на ОН за Иран.