Три пати „ура“ за пропагандата на мајка Русија!

Дејан Србиновски / Слободен печат

Загрижувачки се овие индикатори кои говорат дека во земјава има луѓе кои на ваков или онаков начин и даваат поддршка на Русија макар тоа било и преку муабет со најблиските.

Поддршката и лојалноста до некоја политика од граѓаните е само кога истата е вистински заслужена. Ова е една од попознатите максими на американскиот писател Семјуел Ленгхорн Клеменс попознат под својот псевдоним Марк Твен отколку по вистинското име. Токму оваа мудрост на Марк Твен можеби може сега да се искористи кога во домашната јавност изминатиот период проструија резултати на неколку истражувања поврзани со војната во Украина а со тоа и како Македонците гледаат на проблемот.

Имено, резултатите од истражувањаta покажаа како и секогаш дека нашиот народ е правдољубив не верува во агресија и крвопролевање но истовремено и не сака да го наметнува својот став врз глобалниот конфликт кој се одигрува зад самите граници на европскиот контитнет.
Актуелната војна во Украина сѐ повеќе ја зголемува напнатоста меѓу Истокот и Западот и сѐ повеќе е очигледно дека конфликтот прераснува во „судир на титаните“, односно се води меѓу Москва и западноевропските држави плус САД.

Сепак, главните актери се обидуваат да се држат колку што е можно понастрана од директни воени судири, а војната се води т.н. „прокси“, со цел да се избегне судир од колосални размери и оној дури со нуклерно оружје.

Но ние Македонците сакале или не, директно или индирекнто сме веќе инволвирани во битките. Нашата држава е членка на сојузот НАТО кој е силен подржувач на украинската држава во битката со агресијата од страна на Москва. Токму затоа и во склоп на овие настани видните домашни експерти но и реномирани новинарски имиња разбирливо е зошто во моментов вршат анализи и проценки за ставовите на нашите граѓани.

Но имајќи го тоа во предвид, зачудуваат резултатите од последната од редот на овие анкети кои го мерат јавното мнение во земјава а стигнаа до медиумскиот етер. Имено, според податоците на Институтот за политички истражувања Скопје, мнозинството македонски граѓани не ги поддржуваат санкциите кои Европа ги воведува против Русија и се противат на воената помош која земјава и ја испраќа на Украина.

Според анкетата, 52,5% од граѓаните се противат на западните санкции кон Русија наспроти 32,2% кои даваат поддршка. Гледано по етничка структура, Македонците и Албанците имаат дијаметрално спротивставени ставови. Па така 58,5% Македонци се против санкциите, наспроти 58,6% етнички Албанци кои даваат поддршка, накратко кажано Македонците ѝ даваат условна поддршка на Русија, а Албанците на Украина.

Овдека треба да се подзапре и да го ставиме прстот на чело… Зошто? Затоа што овие овие индикатори кои говорат дека во земјава има луѓе кои на ваков или онаков начин и даваат поддршка на Русија макар тоа било и преку муабет со најблиските е загрижувачки.

Прво зошто воопшто има било каква поддршка за Русија кај населението независно дали се Албанци и Македонци за руската агресија врз Украина и санкциите кон неа. Второ како „тивката“ пропаганда, руска одеднаш стана комерцијална и видлива токму во очите на македонските граѓани? И трето, кој е виновен за тоа што е ваквото мнение во земјава сепак постои. Дали тоа се институциите, ниската медиумска писменост или пак дел од медиумите….

За сиве овие прашања треба властите сериозно да седнат и да размислат. Да размислат како руската пропаганда која не ја негираат и институциите треба да се сузбие. Согледувајќи го проблемот од македонски агол, друго прашање е како земјава да ги подигне на многу повисоко скалило својата медиумска и информациска писменост?

Еден од начините за справување со овој феномен е паралелно со борбата со лажните вести да се работи и на едукација на граѓаните и нивната писменост. Не е залудно што европскиот образовен систем ги учи децата на критичко размислување и на дигитална писменост, ги оспособува да препознаат лажна вест уште од мали нозе. На тој план Македонија сѐ уште каска на листата на индексот на медиумска писменост зад Албанија, Турција и другите во регионот. Некакви обиди на тој план се правени во изминативе години, но секогаш треба и многу повеќе и многу почесто да се работи во таа насока. Се разбира, тоа е една сеопфатна и координирана акција, која освен борбата со лажните вести и дезинформации, подразбира и зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини.

Мораме да научиме како да ја читаме суштината на вестите, а не само површно да се информираме. Иако тоа е комплексен и тежок процес и не носи резултати веднаш, на долг рок е единствениот исправен и здрав чекор за демократија и за поголема медиумска писменост. Токму преку образованието и медиумската писменост, но и со насочување на граѓаните кон традиционалните медиуми со искуство, традиција, историја, медиуми во кои се негуваат професионалните новинарски стандарди, се учи како да се развијат вештините за критичко размислување и се подига нивото на медиумска писменост. Додека тоа не биде, три пати „Ура“ за мајка Русија што успеа својата пропаганда да продре и покрај се во македонското општество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот