Јубилејното 15-то издание на „МакеДокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август

Три отворени повици на „МакеДокс“ се најава на активностите на јубилејното фестивалско издание

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ преку отворени повици најави три активности што ќе се одржат пред и за време на јубилејното 15. издание, кое ќе се одржи од 15 до 22 август во Скопје.

Здружението за промоција на документаристиката, како организатор на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, е во потрага по шестата генерација „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од едногодишната работилница за креативен документарен филм. За учество на работилницата ќе бидат селектирани млади, храбри и креативни луѓе кои сакаат да се изразат слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура.

Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во групи со по еден ментор, а на крајот секоја група ќе треба да има готов краток креативен документарен филм. Програмата „Докуникулци“ црпи искуство од досегашните пет генерации млади филмаџии, од кои дел веќе започнаа сериозно да се занимаваат со филм.

Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во јули 2024 (5 дена во природа), август 2024 (8 дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“), 5-7 есенско-зимски сесии по договор во периодот од септември до јануари, а ќе финишира со снимање и завршување на филмовите до јуни 2025 година.

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и докажани докупрофесионалци од други земји. Повикот е отворен до 15 јуни на веб-страницата на „МакеДокс“.

Шестото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи за време на 15тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во терминот од 19 до 21 август во Скопје. Форумот има за цел да развие стратешки план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот.

Форумот пречекува претставници од регионалните филмски центри, професионалци за документарен филм и 10 проекти кои се во различни фази на продукција. За остварување на целта форумот објави отворен повик за учество на продуценти/автори на документарни филмови продуцирани, копродуцирани или снимени на Балканот (С Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција).

Третиот повик што го објави „МакеДокс“ се однесува на Работилница за архивски пракси во филм со наслов „Замислување архиви“, што ќе се одржи од 15 до 19 август. Работилницата има за цел да спои четири внимателно избрани режисер(к)и или тимови режисер(к)и и монтажер(к)и.

Главниот фокус на работилницата е идентификување на различни стратегии и можности за визуелно конципирање на архиви, проширувајќи го креативниот опсег на правење филмови. Преку ова колективно, интензивно искуство ќе се иницира процес на приближување до суштината на секој проект, дискутирајќи за потенцијалните различни пристапи на секој филмски проект во кој се користат архивски материјали. Ментори на работилницата ќе бидат Кумјана Новакова и Влад Петри.

Кумјана Новакова е режисерка чие авторство се базира на истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка. Родена во Југославија, Кумјана работи во полето на филмот од 2006 година. Нејзиното формално образование вклучува студии од областа на меѓународните односи, културолошки и општествени истражувања во Софија, Сараево, Болоња и Амстердам.

Како авторка, Кумјана ги истражува јазиците на кинематографијата поврзани со односите помеѓу моќта, војната, сеќавањата и (не)припаѓањето. Таа се интересира за развивање стратегии за создавање значења од позиција на некој кој создава филм и нивните потенцијали како територии на нови колективитети. Нејзините дела се прикажувани и изложувани низ целиот свет.

Влад Петри е филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми. Има диплома по кинематографија (Букурешт, Универзитет за кино и театар) и магистер по визуелна антропологија (Берлин, Слободен универзитет). Како режисер, тој често внесува лични слики покрај официјални архиви со цел да создаде филм што ја замаглува линијата помеѓу документарен и игран филм.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!