Три општини и Арсовска бараат враќање на старите имиња на улиците – Ги чекаат ли граѓаните нови трошоци и нервози?

Доколку се прифатат сите овие иницијативи или се поништи одлуката, како што бара Арсовска, тогаш граѓаните што до февруари се принудени да извадат нови документи, ќе мора одново да се изложуваат на трошок и повторно да се малтретираат и да вадат нови поради по којзнае кој пат променето име на улица.

На скопјани им е здодеано од честата промена на имињата на улиците низ градот. Тоа не само што прави забуна при достава на пошта и сметки од јавните претпријатија, кај таксистите, туку предизвикува дополнителни трошоци, а кај некои граѓани и сериозни проблеми во периодот кога мора сите да ги сменат личните документи најдоцна до февруари.

Жителите на 185 улици во Скопје, чии имиња на улиците беа променети со одлука на Советот на Град Скопје во 2021 година, мораат покрај задолжителните документи потребни за нова лична карта или пасош, во МВР да достават и потврда од Град Скопје за точната адреса на живеење. Граѓаните треба да губат време и нерви од шалтер на шалтер, затоа што ниту две години по направената промена на имињата на улиците, тие измени не се дел од системот на податоци со кои располага МВР. Па, така, најлесно е и овој пропуст на надлежните да заврши со „малтретирање“ на граѓаните и со дополнителни финансиски трошоци врз нивниот домашен буџет.

Град Скопје на седницата одржана на крајот од март 2021 година донесе одлука за измена на имињата на 485 улици на територијата на главниот град. Освен нови имиња, на дел од улиците им се вратија старите називи, како, на пример, на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихаќка, Водњанска и други. Но и две години по оваа измена, на повеќето улици кои добија нови или им беа вратени претходните имиња стојат табли со старите називи. Во документите на граѓаните па е вистинска „каша попара“ поради честите промени на адресите каде живеат.

Сега градоначалничката Данела Арсовска најави дека ќе поднесе иницијатива до Советот на Град Скопје за враќање на името на улицата Втора македонска бригада, која во 2021 година беше преименувана во Адем Демачи.

 Ги повикувам сите советници во Советот на град Скопје да гласаат во корист на оваа предлог одлука, со која ќе се исправи неправдата кон повеќе од 230 херои, припадници на Втората македонска бригада од сите етникуми што го дале својот живот за одбрана на Македонија. Апелирам, оваа иницијатива да не се политизира ниту пак да се злоупотребува за кревање етнички тензии, особено поради фактот што најголемиот дел од хероите, покрај Македонци биле токму Албанци, Роми и Власи – соопшти Арсовска откако новото име на улицата во Чаир, навистина ја разбранува политичката јавност.

Градоначалничката дури започна иницијатива за комплетно поништување на Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје донесена на 30 март 2021 година, поради, повеќе пропусти во носењето на оваа одлука.

Во изминатиот период и градоначалниците на три општини побараа враќање на старите имиња на улиците. Советот на Општина Аеродром усвои иницијатива со која се бара од Советот на Град Скопје да донесе одлука за враќање на старите имиња на 83 улици во Лисиче. До пред две години 30 од улиците во Лисиче, се викаа Ѓорѓи Капчев со додавка на број, на пример Ѓорѓи Капчев 1, Ѓорѓи Капчев 2 и така натаму, а истото беше и со 50-ина улици чие претходно име беше Тодор Чангов и се разликуваа само по број.

Иницијатива до Град Скопје за враќање на старите имиња на 38 улици побара и градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски, со образложение дека тоа од него го побарале жителите на оваа општина. Првиот човек на Гази Баба Бобан Стефковски побара од Градот да се вратат имињата на 34 улици во општината, затоа што, како што истакна, градскиот Совет во 2021 година ја донел одлуката без никаква консултација и согласност со граѓаните на Гази Баба.

Доколку се прифатат сите овие иницијативи или се поништи одлуката, како што бара Арсовска, тогаш граѓаните што во овој период секако ќе извадат нови документи, ќе мора одново да се изложуваат на трошок и повторно да се малтретираат и да вадат нови. Но, за жал, се чини проблемите со кои се соочуваат граѓаните секогаш се во втор план.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот