Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Три години голгота по трагедијата: Семејството уште чека правда за пешакот кој беше прегазен на мостот „Гоце Делчев“

Семејството Ангеловски три години чека правда за смртта на тогаш 76-годишниот Слободан Ангеловски кој на мостот „Гоце Делчев“ беше прегазен од „БМВ Х5“, управуван од кумановката Гордана Филиповиќ. Филиповиќ  сѐ уште ужива во слободата иако првично беше осудена на три години затворска казна, но скопска апелација ја укина пресудата поради тоа што во предметот има три вештачења, од кои двете на Обвинителството и оштетеното семејство се совпаѓаат, а третото кое го нарачала обвинетата – носи сосема други факти и околности.

Синот на загинатиот, Стојан Ангеловски вели дека вештачењето на одбраната е тенденциозно и не соодвестува со фактичката состојба.

„Поради вештачењето на одбраната кое што е тенденциозно и не соодвестува со самата фактичка состојба, добија шанса за повторно судење каде што мора да се нареди суперваштачење а јас со секое одење на суд повторно ќе ја преживувам загубата на мојот татко“, изјави Стојан Ангеловски.

Гордана Филиповиќ во моментот на трагедијата извршила четири прекршоци, тврди Стојан Ангеловски.

„Обвинетата има четири прекршоци: Брзо возење, незастанување на пешачки премин иако две возила веќе стоеле и го пропуштиле татко ми, користела мобилен телефон при возење и имала забрана за управување на моторно возило. По судови одиме три години а денес почнавме отпочеток. Слободно можете да ставите еден минус пред тие 2% доверба во судството“, изјави Стојан Ангеловски, синот на загинатиот пешак.

Филиповиќ на претходното рочиште во судницата се појави со адвокатот Владимир Туфегџиќ кој го замени досегашниот нејзин бранител, адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго, кој е претседател на Адвокатската комора на Македонија. Новиот адвокат на Гордана Филиповиќ, Владимир Туфегџиќ исто така е бранител на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска каде денеска во Кривичниот суд истовремено продолжи судењето, па поради тоа на рочиштето за смртта на Слободан Ангеловски испратил своја замена.

Инаку Гордана Филиповиќ е мајка на загинатата Јелена Филиповиќ која во јануари 2020 година исто така загина во сообраќајна несреќа кај Миладиновци, враќајќи се од ноќна забава. По смртта на тогаш 17-годишната Јелена, во Скопје осамнаа билборди со напис „Возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена“.

За смртта на Јелена Филиповиќ на седум и пол години казна затвор беше осуден кумановецот Никола Стефановски, кој во моментот на несреќата возел пијан и под дејство на опијати. Стефановски ја призна вината за време на судењето, а како олеснителни околности беа неговите години и поради тоа што очекуваше да стане татко.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот