Карикатура Лиз Трас и Риши Сунак/ Фото Peter Schrank / News Licensing / Profimedia

Трета среќа за спас на британската економија, на тест Риши Сунак

Новиот лидер на Конзервативната партија и британски премиер Риши Сунак има еден куп работа со влегувањето во премиерскиот кабинет на Даунинг стрит. Негова главна задача ќе биде да ја врати во живот британската економија, која почна да тоне во последниве месеци, како резултат на лошите политички одлуки на претходните власти.

Пред седум недели, некогашниот министер за финансии во кабинетот на Борис Џонсон, беше горко поразен од страна на сопартијката Лиз Трас во трката за лидер на Ториевците и Британија.

Во изминативе недели ретко кој очекуваше од Сунак да се „пресели“ од Даунинг стрит 11 (резиденцијата на министерот за финансии) во Даунинг стрит 10 (резиденција на британскиот премиер), но проблемите во кои се втурна Лиз Трас ја направија желбата на Сунак реалност.

Лиз Трас – Почеток на крајот?

Кој е всушност Риши Сунак?

Новиот британски премиер уште со самото седнување на премиерската фотелја испиша историја, подобра од онаа на Лиз Трас (британски премиер со најкраток мандат). Сунак станува првиот британски премиер кој не е белец.

Сунак е роден во Саутемптон во 1980 година од индиски родители кои се преселиле во Британија од источна Африка. Неговиот татко бил општ лекар, а мајка му водела своја аптека.

Најстар од три деца, Риши се школувал во приватен интернат, колеџот Винчестер, чија школарина чини 43.335 фунти годишно. Тој во последниве години направи повеќекратни донации од над 100.000 фунти за училиштето.

Се верува дека тој е еден од најбогатите министри во Британија, а неговото богатсво се проценува дека е 730 милиони фунти. Британските медиуми пишуваат дека тој „тежи“ повеќе дури и од кралот Чарлс.

Сунак беше британски пратеник речиси седум години. Тој беше дел од Брегзит кампањата на поранешниот премиер Борис Џонсон, кој потоа го назначи и за министер за финансии.

Риши Сунак/ Фото EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Најдобар меѓу најлошите?

Некои набљудувачи на ситуацијата на Даунинг стрит сметаат дека новиот лидер на Конзервативците е „најдобар меѓу најлошите“. Земајќи во предвид кои му беа противкандидати на Сунак, поранешниот премиер Борис Џонсон и лидерката на Долниот дом на Велика Британија, Пени Мордонт, експертите сметаат дека изборот на Сунак беше правилен.

Тој е искусен економист, а многумина во него го гледаат одговорот за актуелната економска криза. Но, неговата работа нема да е воопшто лесна.

Пратениците и поддржувачите на Конзервативната партија не беа задоволни кога слушнаа дека поранешниот премиер Џонсон повторно сака да се кандидира за лидерската функција.

„Доколку Борис Џонсон биде прогласен за кандидат, ќе ги поддржам сите можни напори за распишување на општи избори. Мило ми е што видов дека Борис Џонсон отстапи, тоа ќе беше ужасно“ вели еден Стјуарт Брукс, поддржувач на Конзервативната партија за „Гардијан“.

Според анкетите на „ЈуГов“, Британците сметаат дека Риши Сунак од трите кандидати за наследник на Трас е најдобрата моментална опција. Па затоа и не беше чудно што тој толку лесно и едноставно дојде до неговата победа и премиерска функција.

Сунак и Трас во меѓувреме ќе се сретнат во Бакингемската палата со кралот Чарлс, каде Трас треба да ја поднесе оставката до кралот, а потоа тој да го назначи Сунак за премиер.

Во првата изјава откако беше назначен за лидер на владејачката партија, Сунак вети дека „ќе воведе стабилност во Британија“.

Предизвиците за новиот премиер

Риши Сунак уште на стартот се соочува со огромни предизвици.

Еден од нив е Џереми Хант. Тој беше назначен од страна на Лиз Трас за министер за финансии, откако неговиот претходник Кваси Квартенг си поднесе оставка по неуспехот во неговите политики.

Хант подготвува програма за фискална консолидација која треба да биде објавена на 31 октомври, а Сунак мора брзо да одлучи дали ќе се придржува до тој распоред, или не, пишува „Економист“.

Џереми Хант/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Британскиот неделник смета дека неговиот главен фокус како премиер ќе биде повторно воведување на неговите политики за јавните финансии. Урамнотежувањето ќе вклучи преземање на некои длабоко непопуларни одлуки: зголемувања на даноците и намалувања на трошоците.

Битно за Сунак ќе биде и да ја врати довербата на Бринтаците во Конзервативната партија. Според неодамнешните анкети, доколку во Британија се одржат општи избори, опозициските Лабуристи предводени од Кир Стармер би победиле со убедлива предност.

Останува да се види дали Британија ќе има „трета среќа“ во „борбата за опстанок на домашната економија“.

Тивок подем на Лабуристите пред Конзервативците во британските анкети

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!