Трендафил Ивановски: Ни следува уставна криза, а потоа можеби и системска парализа

Поранешниот претседател на Уставен Суд Трендафил Ивановски за „Слободен печат“ коментирајќи ја работата на собраниската комисија за избори и именувања и потешкотиите околу предлозите на опозицијата и на власта околу предлозите за нови уставни судии, вели дека доколку во следните две до три недели недели во Собранието не се изнајде решение, државата ќе се соочи со уставна криза, а потоа тоа може да доведе и до системска парализа.

– Повеќе од очигледно е дека нема политичка волја ниту кај власта ниту кај опозицијата да се решат работите во Уставниот суд и тој конечно да стане уставен. Во ноември му истекува мандатот на уште еден судија и доколку во наредните недели не се изберат судии од предложените кандидати во Собранието, практично ќе значи дека намаме Уставен суд – вели Ивановски.

Поранешниот уставен судија посочува дека државата веќе се наоѓа во суштинска уставна криза, бидејќи во овие моменти Уставниот суд работи на граница со кворум, со само петмина судии наместо предвидените деветмина.

– Ваквите состојби се резултат на несериозноста најмогу на политичките чинители во земјава. Тука зборам за ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДМ но и останатите. Целиот систем но и Уставниот суд е ставен на климави нозе токму поради интересите на политичките партии и нивните калкулации – посочува Ивановски.

Во меѓувреме собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја продолжи расправата за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Јовески за уставен судија е предложен од владејачките партии. Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер. Комисискиот филтер не го поминаа кандидатите Саво Климовски, Тодор Витларов, Бранко Секуловски, Воислав Димовски, Весна Јовановска и Родна Живковска.

На почетокот на летото претседателката на Уставен, Добрила Кацарска во повеќе наврати алармираше дека состојбата во Уставниот суд е сериозна, а граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијативи и предмети се одложуваат.

„Доколку до декември не се изберат нови уставни судии, тогаш судот дефинитивно ќе се блокира и ќе треба да излеземе и да кажеме дека влегуваме во уставна криза, затоа што Судот со четворица судии нема да може да работи и одлучува“ изјави Кацарска уште во јуни, по средбата со нависокиот државен врв каде го образложи проблемот.

Уставниот суд на Македонија е орган што ја штити уставноста и законитоста во Македонија односно го брани уставот како највисок правен акт на една држава. Составен е од девет судии избрани од Собранието на Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд е пропишано да избираат од редот на истакнати правници. Нивните кандидатури мора прво да го минат комискиот филтер, па потоа да се стават на гласање во Собранието, на пленарна седница.

Инаку Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот