
Трамп сака да се затворат телевизиите чие известување не му се допаѓа
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на телевизиски мрежи може да им бидат одземени лиценците за емитување ако известуваат претежно негативно за него, пренесе Би-би-си.
Препорачано
„Некаде прочитав дека 97 проценти од телевизиските мрежи се против мене, а сепак лесно ги добив изборите“, рече тој, додавајќи дека ги освоил сите седум неопределени држави и гласањето на народот. И покрај ова, рече Трамп, 97 проценти од телевизиските мрежи му даваат лош публицитет.
„Тие добиле лиценца за емитување, па мислам дека можеби треба да им се одземе“, рече американскиот претседател.
Зборувајќи во авионот „Ер форс уан“ по враќањето од Велика Британија, Трамп рече дека ќе го одобри потегот на Федералната комисија за комуникации за одземање на лиценци, сугерирајќи дека телевизиските мрежи треба периодично да аплицираат за нив. Подоцна додаде дека критериумите за одземање на лиценците за телевизиските мрежи може да бидат отсуството на конзервативни ставови.
„Тоа треба да се дискутира, бидејќи имате телевизиска мрежа што емитува програма доцна во ноќта што го напаѓа само Трамп и ништо друго. Тие не можат да го прават тоа, тие се огранок на демократите“, рече американскиот претседател.
Трамп додаде дека одлуката ќе му ја препушти на претседателот на FCC, Брендан Кар, кој се најде во центарот на контроверзите околу откажувањето на шоуто на Џими Кимел поради коментарите на водителот за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк.
„Мислам дека Брендан Кар е одличен. Тој е патриот кој ја сака нашата земја“, рече Трамп, истовремено навредувајќи го Кимел, кого го нарече „неталентирана будала“.