
Трамп му се закани на Универзитетот Колумбија со одземање на акредитацијата, нови притисоци и врз Харвард
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја заостри својата реторика против престижниот Универзитет Колумбија во Њујорк, заканувајќи се дека ќе му ја одземе акредитацијата, што би значело дека целосно ќе го изгуби федерално финансирање.
Препорачано
Како цврст поддржувач на Израел, Доналд Трамп ги обвинува претседателите на истакнати американски универзитети за антисемитизам затоа што дозволуваат студентски протести против војната во Газа на нивните кампуси.
Во среда, министерката за образование Линда Мекмахон ја обвини Колумбија дека не ги заштитила своите еврејски студенти и покрај барањата да го стори тоа, и како резултат на тоа, нејзината официјална акредитација е доведена во прашање.
„По терористичките напади на 7 октомври 2023 година од страна на Хамас, администрацијата на Колумбија покажа намерна рамнодушност кон вознемирувањето на еврејските студенти на нејзиниот кампус. Ова не е само неетичко, туку и нелегално“, тврди секретарката во соопштението.
Доколку ѝ биде одземена официјалната акредитација, Колумбија ќе ги изгуби сите федерални средства и субвенции.
Администрацијата на Трамп на почетокот на март суспендираше 400 милиони долари федерално финансирање, вклучувајќи 250 милиони долари за медицинските факултети, кои требаше да му бидат доделени на Универзитетот Колумбија, Њујорк. Администрацијата на универзитетот оттогаш објави дека спроведе драстични реформи што ги бараше администрацијата на Трамп за да ги врати тие средства.
Американскиот претседател, исто така, во среда објави дека ќе ги забрани визите за странски студенти кои одат на Универзитетот Харвард, што е нова ескалација во неговиот конфликт со престижните институции за високо образование во САД, кои ги обвинува за антисемитизам или за промовирање, според него, на претерано прогресивни левичарски идеи.
„Заклучив дека е потребно да се ограничи влезот на странци кои имаат намера да дојдат во Соединетите Држави за да учествуваат, исклучиво или во голем дел, во студиските програми на Универзитетот Харвард“, рече републиканскиот шеф на државата во соопштението објавено од неговите служби во Белата куќа.