
Трамп ги посоветува мајките како да си ги вакцинираат децата – науката пак не е на негова страна
Новата објава на претседателот Доналд Трамп со медицински совети беше остро осудена од медицински и истражувачки организации, како и од здруженија за аутизам.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот повторно ја упати својата порака до бремените жени и до малите деца да престанат да го користат популарниот лек против болки „Тиленол“, спротивставувајќи се на широката критика од медицинските здруженија, и даде дополнителни совети за здравјето кои не се научно докажани, објави Ројтерс.
Препорачано
На вонредна прес-конференција во Белата куќа во понеделникот, Трамп го поврза аутизмот со детските вакцини и употребата на „Тиленол“ од страна на жени за време на бременост, издигнувајќи тврдења без научна основа во прв план на здравствената политика на САД.
Претседателот предложи прилично „сложена формула за здрав живот“
Во објава на неговата социјална мрежа „Трут сошал“ во петокот, републиканскиот претседател повторно побара комбинираната вакцина против морбили, заушки и рубеола (ММР) да се подели на три одделни вакцини и децата да не ја примаат вакцината против хепатитис Б – која вообичаено се дава во првите 24 часа по раѓањето – пред да наполнат 12 години.
„Бремени жени, не користете „Тиленол“ освен ако е апсолутно неопходно, не му давајте „Тиленол“ на мало дете за буквално која било причина, разделете ја ММР вакцината на три целосно одвоени вакцини (не измешани!), примете ја вакцината против варицела одделно, вакцината против хепатитис Б да се даде на 12 години или подоцна, и, најважно, вакцините да се дадат во 5 одделни медицински посети!“, напиша Трамп со значителна доза на алармантност во неговите зборови.
Зборот на Трамп им пркоси на децении научни истражувања
Советите на Трамп се во спротивност со препораките на медицинските здруженија, кои се повикуваат на податоци од бројни студии и децении практика што покажуваат дека ацетаминофенот – активната состојка во „Тиленол“ – е безбеден кога се користи под надзор на лекар за време на бременост. Десетици медицински, истражувачки и здруженија за аутизам ја осудија објавата.
Барањето вакцините да се даваат во повеќе лекарски посети е непотребна непријатност што веројатно ќе ја намали вакцинацијата и ќе претставува пречка за пристап за многумина, велат здравствени експерти.
Објавата во петокот и соопштението од понеделникот потсетуваат на редовните брифинзи на Трамп во првите месеци од пандемијата на Ковид-19, кога тој честопати даваше совети кои не беа засновани врз научни истражувања – вклучувајќи го и неговото прашање дали консумирањето белило би помогнало, како и промовирањето на третмани за кои се покажа дека немаат корист за пациентите со Ковид.
Иако во петокот не спомена аутизам, медицинските совети на Трамп доаѓаат во момент кога неговиот тим за јавно здравје оваа недела се обиде да ја ублажи првичната порака за поврзаноста меѓу ацетаминофенот и аутизмот.
Директорот на Националниот институт за здравство во медиумски настапи и комесарот на Управата за храна и лекови во писмено известување до лекарите изјавија дека постои асоцијација, но не и докажана врска, и дека жените треба да се консултираат со своите лекари.