
Трагичниот крај на рок идолот: Милан Младеновиќ тежел само 35 килограми пред смртта
Српскиот рок музичар Милан Младеновиќ, пејач и гитарист на култната музичка група „Екатерина Велика“, почина пред три децении, но неговата музика и денес се слуша.
Препорачано
Младеновиќ е роден во Загреб на 21 септември 1958 година, а на шестгодишна возраст со семејството се преселил во Сараево.
Кон крајот на седумдесеттите години го основал првиот бенд „Лимуново дрво“, а потоа се појавил и неговиот прв позначаен состав – „Шарло Акробата“. Поради несогласувања групата се распаднала, а Младеновиќ ја формирал новата „Катарина II“, која подоцна го сменила името во „Екатерина Велика“ и се искачи во самиот врв на југословенската рок сцена.
За Младеновиќ, рокенролот бил начин на живот, а музиката – воздух кој го дишел.
„Почнав да свирам во четврто одделение кога татко ми ми купи акустична гитара на која пишуваше Танго. Потоа се запишав во музичко училиште и научив неколку акорди. Тоа беше во Сараево, каде што се доселивме кога имав шест години, и на чуден начин мислам дека темнината таму остави белег врз мене. Бев многу борбен, љубител на вистината, постојано се тепав со постарите. Тие ме тепаа, се враќав дома крвав, плачев“, раскажувал тоj.
„Во Сараево го имав најдобриот пријател Амер, со кого постојано пеевме песни од ‘Битлси’ по улица. Тогаш посакував кога ќе пораснам да бидам еден од нив. Читав многу книги, тоа ми остана навика. Се сеќавам дека го читав Александар Дима, па дури и за време на час. Од тоа ми ослабна видот и морав да носам очила“, откривал тој.
Иако неговите родители не ја поддржале желбата да се занимава со рокенрол, со време се помириле и почнале да го поддржуваат.
Милан важел за голем шармер, по кого воздивнувале жени од Белград и цела Југославија. Последните години од животот ги поминал со Маја Маричиќ, неговата најголема љубов, на која ѝ ја посветил песната „Очи боје меда“.
Во август 1994 година, по настап на фестивал во Будва, Младеновиќ бил хоспитализиран и му бил дијагностициран рак на панкреас. По три месеци тешка борба, на 5 ноември 1994 година починал на 36-годишна возраст, исцрпен и со само 35 килограми.
Неговата смрт била проследена со бројни контроверзии. Се шпекулирало дали користел наркотични средства, но блиските уверувале дека бил одговорен, строг и посветен на читање, и дека не користел дрога. Други, пак, тврделе дека починал од СИДА добиена како последица од наркотици.
„Борете се за својата лична слобода, не дозволувајте лажни правила и норми да ве задушат. Не ми е жал што сите овие години ги потрошив на нешто толку ‘неозбилно’ како рокенролот, мислам дека поискрено не можев да ги поминам“, изјавил Младеновќ во својата монографија.
Покрај неговите родители, клавијатуристката на ЕКВ, Маргита Стефановиќ, била единствениот сведок на неговите последни часови.
„Ден пред смртта, на 4 ноември 1994 година, мајката на Милан ѝ се јавила на Маргита: ‘Можеш ли да дојдеш? Милан сака само тебе да види’. Таа веднаш отишла во нивниот стан во Нов Белград. Милан лежел во мракот и ѝ рекол: ‘Не плачи, сè ова го знаевме’. Побарал да ја положи главата во нејзиното скутче и таа нежно го милувала по косата. Заспал во нејзиното крило. Останала со него неколку часа, а на заминување му рекла: ‘Ќе се видиме утре’. Тој ништо не одговорил, само ја погледнал нежно. Утредента починал“, раскажала неговата блиска пријателка и авторка на биографијата за Маргита, Лидија Николиќ.