
Тошковски и Дачиќ потпишаа – и со Србија ќе имаме заедничка гранична контрола Табановце-Прешево
Министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Ивица Дачиќ денеска во Белград потпишаа договор помеѓу Владите на Македонија и Србија за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево кој треба да овозможи имплементација на вистински „Уан стоп шоп“-систем со цел побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
Препорачано
„На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз основа на кој нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница. Со имплементација на системот очекуваме за двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест-фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе“, рече Тошковски.
Тој нагласи дека продолжува и понатаму одличната соработка со српската полиција во борба против сите видови криминал и во текот на оваа летна сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници на Србија во Охрид и македонски полициски службеници на настани коишто ќе се одржуваат во Србија.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ потенцираше дека целта на овој договор е можност уште повеќе да им се помогне на граѓаните полесно да ги преминуваат граничните премини и со тоа да се олесни протокот на луѓе и материјални добра.
„Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце каде воспоставуваме нов процес на работа кој има за цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја. Така го воспоставуваме „Уан стоп“ системот со едно место на контрола“, рече Дачиќ.
Ваков систем неодамна беше имплементиран со Косово на граничниот премин Блаце-Елез Хан, ќе следува имплементација и со Република Албанија, така што Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите земји-соседи кои не се дел од Европската Унија.