Термометар / Фото: Архива на „Слободен печат“

Топлотен бран: На градовите им е потребен „шериф“ за жештина

Цела Европа неделава е зафатена од силен топлотен бран. Експертите предупредуваат дека она што се случува сега не е ништо во споредба со она што доаѓа. Што да се прави?

Што ги поврзува Атина, Дака, Фритаун и Сантијаго де Чиле? Сите овие градови се обидуваат да се заштитат од сè поекстремните горештини, а во тоа им помагаат т.н. офицери за горештини. Тоа се градски службеници, или како што некаде ги нарекуваат – „шерифи“ за заштита од горештини.

Тие им помагаат на локалните власти во анализата на состојбата на терен, изработка на планови за акција и спроведување на заштитни мерки. Тоа, на пример, вклучува планирање на постудени тротоари и покриви, како и стратегии за итни случаи. Во градот Фритаун во Сиера Леоне, службениците за горештини учествуваат во пошумување на урбани површини, бидејќи тоа обезбедува сенка и свежина. Преку апликација се поврзуваат луѓе кои се грижат за дрвјата во градот и за тоа добиваат паричен надомест.

Реакција пред да настапи горештината

Американскиот тинк-тенк Атлантскиот совет во 2021 година го започна концептот за назначување на градски службеници, односно „шерифи“ за заштита од горештини. Според нивните процени, до 2050 година дури 3,5 милијарди луѓе ќе бидат погодени од екстремна топлина – половина од нив во урбани средини.

Затоа градовите мора сериозно да се подготват, вели Елени Миривили, експертка за горештини од Центарот за климатска отпорност при Атлантскиот совет и поранешна службеничка за горештини во Атина.

„Обично проблемот со горештините се решава дури откако ќе дојде до голема криза – топлотен бран, пожар или суша. А, кога тоа ќе помине, сè се заборава“, вели Миривили.

Задачата на службениците за горештини не е само да го подготват градот за вакви ситуации и да ги заштитат особено ранливите групи, туку и да им помогнат на сите релевантни институции да развијат долгорочни планови за разладување на градовите.

Горештините мора да се земат предвид уште при планирање на улици, плоштади и згради – значи во сите важни политички одлуки. Тоа, според Миривили, е најтешкиот дел од работата. „Не можам да кажам дека тоа ми успеа целосно во Атина“, признава таа.

„Но, успеав да го сменам досегашниот начин на размислување и сега луѓето сфаќаат дека горештината е сериозна закана за здравјето, економијата и општеството“, вели Миривили, која од 2021 до 2023 година беше задолжена за овие прашања во главниот град на Грција.

Секој град треба да има службеник за горештини

Атлантскиот совет досега поддржал назначување на осум вакви службеници низ светот. Идејата сè повеќе се шири, вели Миривили. „Ако градоначалникот ја препознае важноста на проблемот, службениците за заштита од горештини можат да направат чуда – да обезбедат буџет, да координираат меѓу различни одделенија и навистина да започнат промени.“

Во САД, Кенија и градови како Лондон, Женева и Париз, концептот веќе е во функција. Индија дури донесе закон со кој се бара секоја сојузна држава да назначи службеник за горештини. Тоа, според Елени Миривили, е целосно оправдано.

Бројот на денови со екстремни горештини драматично расте

Меѓу мај 2024 и мај 2025, околу четири милијарди луѓе – половина од светската популација – доживеале најмалку 30 дополнителни денови со екстремна топлина. Тоа го покажува извештај на повеќе институции, вклучувајќи го и Црвениот крст. Во 195 од 247 анализирани земји и региони, поради глобалното затоплување, бројот на такви денови најмалку се удвоил.

Според Светската здравствена организација (СЗО), годишно околу половина милион луѓе умираат како последица на топлотни удари. Поголемиот дел живее во Азија, но и во Европа, особено југоисточната, а 2024 беше втора најтопла година од почетокот на мерењата.

Во Германија и низ ЕУ расте бројот на постари лица кои се особено загрозени. Германската Алијанса за климатски промени и здравје (КЛУГ), која обединува 100 организации, предупредува дека оваа група е најизложена.

„Секое зголемување на температура го зголемува ризикот за нашите животи, економијата и планетата“, предупреди во април генералната секретарка на СЗО, Селест Сауло, при претставувањето на извештајот за состојбата со климата во Европа.

Градови кои преземаат мерки

Градот Феникс (Аризона, САД) формирал тим од шест лица кои исклучиво се занимаваат со заштита од горештини. Во лето се достапни итни засолништа за разладување, како и центри и станици со вода за пиење. Во Барселона како места за одмор и разладување се користат и музеи и библиотеки.

Во Германија, градови како Келн и Фрајбург веќе имаат први акциски планови, информативни кампањи и мерки за заштита на ранливите групи. Исто така, се воведуваат системи за рано предупредување и се засилува озеленувањето на урбаните „топли точки“.

Во Фрајбург, фокусот е на зелени површини и лесно достапна сенка. Келн има поставено сенки на јавни згради, а Евангелистичката црква во Германија ги нуди црквите како разладни засолништа.

Во швајцарскиот град Базел, наместо големи градежни проекти, се користи мобилно зеленило. Градот планира да отстрани бетонски површини и да ги замени со зелени.

Повик за системско делување

Сепак, според Алијансата за климатски промени и здравје, Германија значително заостанува кога станува збор за сеопфатна заштита од горештини. „Горештината е најголемиот здравствен ризик поврзан со климатската криза во Германија“, беше предупредено на почетокот на јуни во Берлин.

Претседателот на Германската лекарска комора, Клаус Рајнхарт, нагласи: „Топлотните бранови стануваат почести, подолги и поинтензивни. Општеството мора да се подготви на тоа. Горештината ги погодува сите – без разлика на возраста или здравствената состојба“.

„Како општество, сè уште не сме разбрале кога и колку горештината станува опасна“, додава претседателот на Алијансата за климатски промени, Мартин Херман. Во Германија, вели тој, од горештина умираат повеќе луѓе отколку во сообраќајни несреќи.

Поради тоа, бара задолжителна примена на мерки за заштита на локално ниво и поголема финансиска и кадровска поддршка.

Германскиот Сојузен институт за јавно здравје неодамна отвори нов онлајн портал со практични совети за однесување при горештини – избегнување на излегување напладне, проверка на лекови, проветрување на простории само кога надвор е постудено отколку внатре.

Претседателот на КЛУГ, Херман, заклучува: „Гледаме многу добри поединечни проекти, но проблемот е во нивната широка примена. Време е сето тоа конечно да се спроведе“.

А, грчката експертка Елени Миривили предупредува: „Горештината што сега ја чувствуваме не е ништо во споредба со она што допрва нè чека. Ќе биде многу поопасно, а луѓето сè уште не се свесни за тоа. Затоа работата на решенија сега е поважна од кога било“.

Извор: Дојче веле/ Автор: Тим Шауенберг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот