Фото: pexels-sarah

Топ 10 најпознати овошни салати во светот според „Тејст атлас“

Летото е време кога сите копнееме по нешто лесно, освежително и вкусно, а токму тоа се овошните салати. Преполни со сочно и шарено овошје, овие салати се идеален начин да се разладите и освежите во топлите денови што претстојат. Ова се десетте најпопуларни овошни салати од различни делови на светот според „Тејст атлас“ (TasteAtlas). Ќе се изненадите колку можат да бидат разновидни и креативни овие лесни летни задоволства.

1. Бионико (Bionico)

Бионико е популарна мексиканска улична храна во форма на овошна салата, со потекло од Гвадалахара. Се состои од сечкано овошје како што се папаја, јагоди, диња, јаболка и банани, кои се прелиени со мешавина од сладок крем, а потоа се наросуваат со гранола, пекани, суво грозје и рендан кокос.

Јадењето потекнува од почетокот на 1990-тите како здрав појадок. Како што растеше неговата популарност, се прошири низ Мексико, а потоа и во некои делови од Соединетите Американски Држави. Денес, бионико најчесто се продава на улица, а може да се најде и во многу барови за сокови и слаткарници.

2. Овошна салата (Ensalada fruta)

Енсалада фрута е мексиканска варијација на класичната овошна салата. Она што ја прави посебна е додавањето на сок од лимета, текила (по желба) и чили во прав од анчиот, кои, кога се комбинираат со сечкано овошје како ананас, манго и јагоди, ѝ даваат необичен, зачинет вкус. Иако може да се сервира свежа, се препорачува да се чува во фрижидер најмалку еден час пред консумирање.

3. Рујак (Rujak)

Рујак е традиционална индонезиска салата од овошје и зеленчук, позната по својата смела комбинација од слатки, зачинети, кисели и солени вкусови. Омилено јадење низ Индонезија, Малезија и Сингапур, обично се состои од свежо тропско овошје и суров зеленчук, измешани или потопени во густ, зачинет дресинг направен од палмин шеќер и тамаринд.

Дресингот често се прави од палмин шеќер, паста од тамаринд, кикирики, сол, паста од ферментирани ракчиња и лути чили пиперки, а рујакот обично користи овошје како ананас, манго, папаја, јаболка, а во некои варијанти се додаваат и краставици и варени слатки компири.

4. Асинан (Asinan)

Името асинан се однесува на традиционални индонезиски салати направени од кисело овошје или зеленчук. Се верува дека сортата овошје потекнува од Џакарта, додека сортата зеленчук доаѓа од градот Богор. Јадењето е под влијание на различни култури и денес претставува вистински пример за мултикултурното наследство на Индонезија.

Асинанот е вообичаена улична храна во Индонезија и иако може да се подготви со разновидно овошје и зеленчук, најчесто се користат зелка и краставици. Асинанот од овошје и зеленчук обично се служи со сос од кикирики кој е сладок, кисел и зачинет.

5. Данска овошна салата (Frugtsalat)

Фругтсалат е благо слатка и многу разновидна данска овошна салата. Се состои од различни видови овошје, јаткасти плодови, чоколадо и марципан, а рецептот лесно може да се прилагоди на различни вкусови и преференции. Состојките најчесто се прелиени со шлаг или ванила крем, декорирани со чоколадо и послужени во декоративни чинии.

6. Рујак петис (Rujak petis)

Рујак петис е традиционална салата и специјалитет од Понорого, Источна Јава. Јадењето обично се состои од исечено манго, краставица, спанаќ, хикама, кедондонг (јунска слива), никулци од грав и тофу. Состојките се сервираат во темен сос направен од ферментирани ракчиња во црна паста позната како петис (од каде што јадењето го добива името), палмин шеќер, кромид, сол и мелени или згмечени кикирики.

7. Салата Амброзија (Ambrosia Salad)

Салатата „Амброзија“ се смета и за салата и за десерт, и обично се служи за Божиќ на американскиот југ. Во својата класична форма, се состои од ананас, мандарини, кокос и мини маршмелоу, но често е збогатена со дополнителни состојки како што се банани, јагоди, пекани, цреши, шлаг, јогурт или урда.

8. Буренјонгенс (Boerenjongens)

Буренјонгенс е холандски специјалитет од Гронинген кој се состои од суво грозје натопено и конзервирано во ракија и зачини како шеќер и цимет. Сувото грозје традиционално се конзервирало за посебни пригоди како што се Божиќ и слични прослави. Се препорачува да се сервира во мали чаши, а денес буренјонгенс се повеќе се користи како фил за јадења со месо или како додаток во јогурт и палачинки.

9. Жабји очи (Frog eye salata)

Салатата „жабји очи“ е необична, но вкусна комбинација направена од мали тестенини во облик на топка (acini di pepe), жолчки од јајца и шлаг, честопати прелиени со парчиња ананас, рендан кокос, мандарини или бел слез. Оваа интересна мешавина од тестенини и овошна салата е особено популарна во државата Јута.

10. Виетнамска овошна салата – Хоа ква дам (Hoa quả dầm)

Хоа ква дам е традиционална овошна салата со потекло од Виетнам. Се прави со свежо сезонско овошје како што се личи, џекфрут, папаја, ананас, манго, питаја, лонган, лубеница, азиска круша, банана, слива, јагода и мангостин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот