Фото/instagram

Точката Немо, најосаменото место на Земјата – Ако некогаш сте го употребиле терминот „среде океанот“, оваа локација е буквално тоа

Длабоко во јужниот Тихи Океан се наоѓа точка која е пооддалечена од копното отколку која било друга локација на Земјата. Позната како точката Немо, ова место е оддалечено приближно 2.688 километри од најблиското копно, што го прави најизолираното место на планетата.

Ако некогаш сте го употребиле терминот „среде океанот“, оваа локација е буквално тоа.

Именувана по познатиот фиктивен капетан на подморница од романот на Жил Верн „Дваесет илјади милји под морето“, точката Немо првпат била откриена во 1992 година од Хрвоје Лукатела, хрватско-канадски геодетски инженер. Самиот Лукатела напишал геопросторен софтвер што му овозможил прецизно да ги одреди координатите на најоддалечената точка од копното, пресметувајќи го местото на еднакво растојание од трите најблиски брега. Точката Немо има најголемо пресметано растојание од сите измерени координати.

Точката Немо, позната и како „океанска точка на непристапност“, се наоѓа на 48°52,6′ јужна географска ширина и 123°23,6′ западна географска должина. Се наоѓа на околу 2.688 километри од најблиската копнена точка – озлогласениот остров Дуси на Питкернските Острови, северно од точката Немо. Другите две подеднакво оддалечени копна се Моту Нуи (покрај Велигденскиот Остров) на североисток и островот Махер (близу до брегот на Антарктикот) на југ.

Најблиското населена копно е оддалечено повеќе од 3.090 километри на Велигденскиот остров. Меѓутоа, најблиското постојано населено место е всушност оддалечено само 415 километри – а тоа е Меѓународната вселенска станица, која секојдневно минува над овој дел од Тихиот Океан.

Во круг од 22 милиони квадратни километри буквално нема никој, а тоа е подрачје приближно 35 пати поголемо од Франција.

Името „Немо“ на латински значи „никој“, што го одразува фактот дека на оваа точка луѓето се оддалечени илјадници километри во сите правци.

Точката Немо – гробишта на вселенските летала и сателитите

Поради својата екстремна изолираност, точката Немо е идеална за „безбедно“ приземјување на вселенски отпад. Толку е далеку што меѓународната вселенска заедница го прогласи ова место за „гробишта за вселенски летала“. Сателитите и другите парчиња вселенски отпад што излегуваат од орбитата честопати се насочени кон точката Немо за безбедно да се урнат во океанот, избегнувајќи каква било опасност за населените области.

Овој начин на дезинтеграција е многу важен бидејќи леталата предвидени за уништување не паѓаат во една прецизно одредена точка, туку се разложуваат на илјадници фрагменти кога ќе влезат во атмосферата, создавајќи овално подрачје на уништување што може да биде широко десетици километри и долго до илјада километри. Малку се местата на Земјата каде што можете да бидете сигурни дека ниту еден фрагмент нема да падне врз некого или на нешто.

Ова се постигнува, на пример, така што НАСА прецизно го темпира својот сателит или вселенско летало да започне контролиран влез веднаш над точката Немо. Некои од вселенските летала „закопани“ на ова место се европските товарни бродови на ЕСА, повеќе од 140 руски вселенски летала „Сојуз“ и советската вселенска станица „Мир“.

Еден од идните „посетители“ ќе биде вселенската станица со големина на фудбалско игралиште – Меѓународната вселенска станица, која треба да „слета“ во Тихиот Океан во близина на точката Немо околу 2031 година.

И покрај својот статус на најизолирана точка на Земјата, точката Немо привлекува и некои храбри патници кои се подготвени да патуваат до ова оддалечено место. Сепак, посетата на точката Немо не е лесна: бара долг и скап премин низ најбурните мориња на планетата. Патувањето обично го организираат научни експедиции кои сакаат да ги истражат уникатните океански струи и биодинамиката на областа.

Мртов океан

Точката Немо се наоѓа во средината на голем систем од циркулирачки океански струи кои во јужниот Тихи Океан се вртат во насока на стрелките на часовникот околу централна точка. Бидејќи е далеку од копното, речиси и да нема честички прашина или внесување на материјал од копното, па затоа водата има екстремно ниско ниво на хранливи материи.

Затоа просторот околу точката Немо е огромна „океанска пустина“. Таму нема ајкули или големи риби. Фитопланктонот, ситните алги што ја формираат основата на морскиот синџир на исхрана, се наоѓа само на длабочини поголеми од 100 метри.

Сепак, и покрај оддалеченоста и отсуството на големи морски видови, ова место е дом на многу бактерии и микроорганизми кои значително придонесуваат за глобалните биогеохемиски циклуси. Мали ракови се пронајдени и во близина на вулкански отвори на морското дно во близина на точката Немо.

Ако има нешто што на точката Немо никогаш не ѝ недостасува, тоа е водата. Но, вториот најзастапен материјал е веројатно – пластиката. Во примероците од морска вода собрани во близина на точката Немо за време на една регата, пронајдени се до 26 честички микропластика на кубен метар. Значи, дури и најосаменото место на Земјата е загадено со пластика, иако во многу помала мера од Јужнокинеското Море, каде што се евидентирани околу 350 пластични честички на кубен метар.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ORMOUS 🌒 (@ormous)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот