Тивки херои на нашите дни

Градска болница/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Некако навикнавме, речиси на прва, да критикуваме сè и сешто со и без основа, а посебно место во нашите критики зазема нашиот јавен здравствен систем. Би рекол основано. Но како што некои велат дека кармата е к…ва, имав можност лично да се уверам во спротивното. Бев неколкудневен „гостин“ на Универзитетска клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Скопје или популарно наречена „Стара Градска болница“ во Скопје. Според интерниот распоред на клиниката, за моето „гостување“ беше задолжен раководителот на оперативниот блок – специјалист по општа хирургија д-р Ѓорѓи Ставридис. Во болницата бев примен во согласност со сите вообичаени процедури, во четирикреветна „машка“ соба. Кога влегував во болницата, од нејзините ѕидови ми одѕвонуваа имињата на поранешните врвни хирурзи, анестезиолози и други мајстори на медицинскиот занает од југословенски и европски калибар како што беа проф. д-р Владислав Влајко Груев, д-р Јанко Обочки, д-р Аврам Балабанов, д-р Драгослав Младеновиќ, д-р Слободан Вучков итн. Нашите постари сограѓани сигурно си ги спомнуваат овие и некои други имиња, исклучиво по добро. Па како е можно сегашната „репрезентација“ да биде поинаква од претходниците? Едноставно неможно! На наша среќа, мајстори создаваат мајстори!

Зборот пациент потекнува од латинската именка „ patientem“; оригиналното значење на зборот значи „оној кој пати“, или „да се пати“. Познато е дека секоја болест во помала или поголема мерка ја деградира личноста на „оној кој пати“ било да станува збор за болка, за нефункционалност на телото и сл. Имав можност да го тестирам здравствениот систем на нашата држава на себе и своето тело, и претпоставувам – ќе дадете верба на ова мое искуство од прва рака. Кога ќе се земе предвид сувата статистика дека во Градската болница во Скопје просечно годишно се извршуваат повеќе од 100.000 амбулантски прегледи и 4-5.000 хируршки интервенции, односно операции, дали можете да претпоставите колкава важност во нашите животи и здравје има нашата Градска болница?

Д-р Љубен Арсенков/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Градска болница е старо здание во центарот на Скопје, чија градба започнала далечната 1931 година; вон архитектонските филипики познати за овој објект, би рекол дека вистинско богатство се луѓето во медицински униформи што секојдневно и самопрегорно се грижат и го унапредуваат нашето здравје, сметано од болничарите, медицинските сестри, анестезиолозите, интернистите, хирурзите – на чело со првиот помеѓу еднаквите – прочуениот хирург во земјава и регионот – д-р Љубен Арсенков.

Кога последен пат сте имале прилика да видите директор на која било јавна установа во некоја сабота пред полноќ како доаѓа на работа само затоа што добил повик од дежурниот лекар дека станува збор за комплексна хируршка интервенција каде знаењето и искуството на д-р Арсенков било пресудно „да се биде или не“?

Д-р Ѓорѓи Ставридис/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Мојот здравствен „водич“ и исцелител, хирургот д-р Ѓорѓи Ставридис, секојдневно, по неколку пати, вклучително и деновите на викенд, вршеше обиколка на своите пациенти, притоа не губејќи нерви на неуко поставени прашања или констатации прочитани од ДР. ГУГЛ. За секој од пациентите имаше време и такт со благ збор, медицински совет и авторитативност која е неопходна кога работите со луѓе; на моменти неговите беседи кон пациентите наликуваа на вистински мини психијатриски третмани. Сè во служба на здравјето на пациентите. Импресивно! За хируршките способности на д-р Ставридис – не коментирам; доволно е сознанието што сум автор на овие редови ослободен од мака, сè тоа благодарение на рацете, умот и знаењето на д-р. Ставридис. На мојата констатација дека медицинскиот кадар повеќе денови во континуитет почесто го гледам од колку себеси во огледало и на моето прашање до д-р Ставридис „дали има дома“?, добив ладнокрвен одговор дека ова е „неговото дома“. Тоа беше искажано без претенциозност или самосожалување; едноставно беше така. Ова важи и за д-р Столе Јованов, д-р Андреј, д-р Лимани, д-р Надежда Спировска, д-р Нино Груев и сите останати кои беа константна слика со пациентите во болничките соби и ходници. Ова, меѓу другото, се должи на недостаток на секаков вид кадар и обид на вработените да бидат змејови со седум глави; да бидат присутни секогаш таму каде што е најпотребно.

Ако како претпоставка се земе старата латинска поговорка која вели дека „medicus curat natura sanat“ (лекарот лекува, а природата залекува), јас би дополнил дека „природата“ во мојот случај се медицинските сестри и нивниот третман на пациентите. Тоа е онаа мала армија на вредни пчели во сино бели униформи без чија стручност, самопрегор и помош на пациентите, не може да се добие здравствената битка. Понекогаш благата насмевка или утешен збор значат повеќе од сите лекарства на светот! Тие медицински сестри имаат имиња вредни за спомен – главната одделенска сестра Наташа Митровска, Љубица Бубе Ноевска, Елеонора Слезенковска, Јасмина Христовска и други на кои не им го запомнив името (ќе ми простат).

После сè, ми се наметнува констатацијата дека сепак не е сè изгубено, исклучително благодарејќи на примерите и личностите кои ги наведов. Можело, може и мора поинаку. И тие се луѓе од крв и месо, со свои грижи, капацитети, семејства, пријатели и друго. Горенаведените личности и слични на нив – нашето општество треба да ги третира како највисока општествена вредност од посебно значење. Ова воопшто не е претенциозно ако се земат предвид конечните влогови и исходи. Здрав човек може сè, болен – ништо! Конечно, кога еден промил од она на што лично бев сведок од прва рака и „предмет на обработка“ во Градската болница би се применило и во другите области во општеството, верувајте ми дека за кратко време би станале Монако. Ете, тоа се накратко оние тивки херои на нашите дни. Алал им вера!

Авторот е директор и медиа директор на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот