
Тиквеш доби германски инвеститор, амбициите во новата сезона ќе бидат големи
Фудбалскиот клуб Тиквеш денеска и официјално го претстави новиот сопственик, германскиот инвеститор Осман Таш, кој ќе биде главната фигура зад амбициозниот проект на клубот од Кавадарци за претстојната сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Препорачано
На прес-конференцијата што се одржа во пресрет на стартот на подготовките, Таш најави засилувања и професионален пристап што треба да го направат тимот конкурентен на домашната сцена, но и со визија за настап на меѓународната сцена.
„Пред почетокот на подготовките за новата натпреварувачка сезона, новиот газда акцент става на модернизација на тренажниот процес, професионален пристап кон фудбалерите, со максимална посветеност и влог во младите категории, за остварување на што подобри резултати во иднина, гледајќи го клубот во европските натпреварувања. Исто така најави отварање на голем фан-шоп во центарот на Кавадарци во соработка со навивачката група Лозари-Исток“, информираат од клубот.
Подготовките официјално стартуваат денеска од 18 часот на Градскиот стадион во Кавадарци, по што од 15 до 25 јули е планиран тренинг камп во Турција, каде што „црвено-белите“ ќе ги интензивираат подготовките за новата сезона.