
ТФТ во прв обид да го симне МЗТ Скопје Аеродром од тронот
Во 33 финале од Првата македонска кошаркарска лига екипата на МЗТ Скопје Аеродром влегува со многу повеќе трофеи, но тоа не мора да значи дека е пресуден фактор во финалната серија.
Препорачано
Во четврток навечер (19.30 часот), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе стартува финалната серија од плеј-офот. По 32 пат во 33 првенствена сезона, ќе се одлучува кој ќе биде новиот шампион.
Македонија чека на новиот кошаркарски првак, но низ финалната серија, „подобар од пет“ натпревари, одговор на тоа прашање ќе ни дадат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на ТФТ.
МЗТ Скопје Аеродром ќе атакува на својот 12, а ТФТ на првиот шампионски трофеј. Двата финалисти ги поминаа двете плеј-оф пречки, четвртфиналната и полуфиналната.
„Металците“ се без пораз во доигрувањето, им беа потребни само по три победи да ги елиминираат своите ривали. Во четвртфиналето беа подобри од Феникс 2010, а нешто потешка задача имаа во полуфиналето, против екипата на МКК Куманово, но исто така, и оваа серија беше решена во само три од евентуалните пет мечеви.
Од друга страна пак екипата од Тафталиџе беше максимална во четвртфиналната серија со Чаир 2030, која ја решија во само три одиграни мечеви. Во полуфиналето, слична ситуација, против Работнички, забележаа три победи во серија, за место во финалето.
Сосема доволно да го предизвикаат МЗТ Скопје Аеродом во битките за шампионската титула, прва за нив во историјата. За прв пат, ТФТ атакува на својата прва шампионска титула, а воедно ова ќе биде прва финална серија помеѓу овие два клуба низ историјата.