Донбас бомбардирање/ Фото: Nicolas Cleuet / Zuma Press / Profimedia

Територија во замена за мир – што мислат луѓето во Донбас

Мотоцикл минува покрај зрели сончогледи и врти во поле, кревајќи многу прашина. На него седи Олексиј, офицер во баталјон на 14-та бригада на Националната гарда на Украина. Неговата единица се бори во близина на Покровск. Руската армија се обидува да го опколи градот, дневно се случуваат по десетици напади. Мотоциклот е од фронтот. Русите со него напредувале кон украинските позиции, но Олексиј и тројца негови другари го одбиле нападот и притоа го заплениле и мотоциклот.

Олексиј моментално се одмара по 27 дена борба. За да може да ги напушти своите позиции, групата морала да почека поволни временски услови. Но, мажите во нивното возило по пат сепак морале и да избегаат од руски дрон.

„Изгубив надеж“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се обидува да постигне мир меѓу Украина и Русија, при што се дебатира за иднината на Донбас и можни територијални отстапки во замена за прекин на огнот. Руската армија пред неколку недели напредуваше североисточно од Покровск во областа Доњецк. Фронтот се доближува до градот Добропилја и околните села. Иако украинската војска ослободи некои места, областа сега е под постојан оган.

Затоа сè повеќе луѓе бегаат од руските бомби и беспилотни летала. „Навистина имав верба во преговорите и со нетрпение ја чекав секоја средба. Сега знам дека е бесмислено. Изгубив надеж“, вели Наталија од Добропилја, на која наидовме во едено место во Доњецк каде што се собираат евакуираните.

„Не е во ред да се запре војната и да ни се одземе територија. Сè се уништува. Нема гаранција дека територијата ќе биде повторно освоена“, додава жената, чиј што син бил отпуштен од војската откако бил ранет.

„Да се преземе одговорност“

На пунктот за стабилизација на делот од фронтот кај Краматорск, е тивко. Таквите пунктови во близина на линијата на фронтот на армијата ѝ служат за ранетите војници медицински да се стабилизираат пред да бидат префрлени во болници. Тишината овде не значи дека е мирно и на фронтот. Напротив, тоа е знак дека поради руските напади со дронови е отежнато евакуирањето на ранетите, објаснуваат медицинските лица. Понекогаш доаѓаат војници кои на позициите лежеле веќе еден или два месеца. „Вообичаено се само исцрпени“, вели анестезиологот Тетјана.

Но, среде ноќ пристигнува ранет војник кој го изгубил стапалото. Лекарите се грижат за него на масата за операции. „Тој стапнал на мина“, објаснува асистентот Дмитро, додавајќи: „Може да видите оти двете нозе веќе еднаш биле оперирани. Тоа значи дека ова не му е прва повреда“.

Според Дмитро, кај нив нема фајде од напорите на Трамп за мир. Делот од фронтот Краматорск, каде што служи Дмитро, е помалку од 20 километри оддалечена од неговиот роден град Словјанск. Пред почетокот на војната во 2014 година, тој работел во Доњецк. На прашањето што за него значи да се бори за својата татковина, тој вели „преземање одговорност“. Воените лекари ги следат напорите за преговори, но се обидуваат „да не им биде одвлечено вниманието од настани врз кои не можат да влијаат“. „Се надевам на најдоброто“, вели Татјана, нагласувајќи дека е „фокусирана на пружање помош“.

„Се обидуваме да ги спасиме нашите војници“

„Како се водат преговорите е работа на највисокото раководство. Нашата задача е да го запреме непријателот и ние си ја исполнуваме“, вели војник со прекар „Стингер“, кој служи како оператор во одбраната на градот Часив Јар. Според украинскиот Генералштаб, на отсечката Краматорск на фронтот има околу десетина напади дневно. Областа околу Часив Јар е дел од оваа отсечка.

Пред една недела, „Стингер“ ги напуштил позициите каде што бил стациониран 15 дена. За тоа време Русите повеќепати ги нападнале позициите. „Досега не спроведуваме напади или ослободителни операции. Едноставно се браниме и го задржуваме непријателот да не направи пробив. Без разлика дали автопат, град или поле – нашата задача е да ги спречиме да напреднат макар и само 100 метри“, објаснува војникот. Некогаш на руската војска сепак ѝ успева да се пробие до позициите на четата на „Стингер“. Според него, тоа се должи на големиот број војници и оружје што Русите ги користат. „Кога ќе се појави критична ситуација, се обидуваме да ги спасиме нашите војници и да ги повлечеме на задните позиции за да заземат поповолна позиција“, објаснува „Стингер“.

„Нема збор за мировни разговори“

Како и на фронтот, руската армија го зголемува и гранатирањето на украинска територија во позадина. На 22 август повеќе од 40 наведувани бомби беа фрлени врз Краматорск – најголемиот град во делот од регионот Доњецк кој то е под украинска контрола. Три лица беа повредени. На крајот на јули, во руско гранатирање беше уништена половина од петкатна станбена зграда во центарот на градот. Шест лица загинаа, а единаесет беа повредени. „Беше 2:30 часот наутро, штотуку се вратив дома. Сите прозорци се скршија. Ќерка ми беше повредена, шрапнел ѝ ја погоди ногата“, се потсетува пензионерката Валентина, која живее во соседната куќа. Таа не верува дека војната ќе заврши со мировни преговори. Токму кога започнаа разговорите меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска на 15 август, шефот на Кремљ дозволи Словјанск да биде гранатиран. „Таму живее мојата друга ќерка“, вели Валентина и огорчено додава дека „не може да стане збор за мировни преговори“.

Жителите на Краматорск со кои разговараше ДВ претежно отфрлаат територијални отстапки во замена за прекин на огнот. „Денес ќе каже: Дајте ми го регионот Доњецк. Утре ќе каже: Дајте ми го регионот Лавов. А, за една недела ќе каже: Дајте ми го Киев“, вели пензионерот Олех за Путин. „Не доаѓа предвид. Јас сум Украинка и го сакам Донбас. Толку многу крв веќе се пролеа и толку многу луѓе загинаа. Мојот син исто така се бори“, вели пензионерката Зоја во врска со територијалните отстапки.

„Тоа е многу сериозна одлука“

„Што е поважно за Украина, регионот или луѓето?“, прашува Васил, маж на средна возраст, додавајќи: „Зошто ни е потребен овој регион кога толку многу луѓе загинаа? Дали бевте на контактната линија? Јас сум од таму и изгубив сè. Ќе почнеме од нула во друг регион“, вели тој. Заедно со сопругата го напуштил своето село во областа Костјантинивка, каде што напредува руската армија.

„На Путин не може да му се верува. Не знам што треба да направи светот за да го сопре ова. Володимир Зеленски минува низ многу тежок период, ова е многу сериозна одлука“, вели овој човек.

Локалното население е воздржано за прашањето какви гаранции може да ја заштитат Украина од нова руска агресија. „Нашата безбедносна гаранција е нашето воено присуство низ целата земја“, вели пензионерот Микола. А, Свитлана, жена на средна возраст, не верува во никакви гаранции „бидејќи не видов никаква вистинска поддршка за време на војната“, објаснува таа разочарано.

Младиот војник Јарослав, кој се бори за ослободување на родниот регион, исто така ги следи мировните напори и е против територијални отстапки. „Многу размислував за тоа. Но, не сум подготвен да се откажам од Краматорск и регионот Доњецк“, вели Јарослав и прашува: „Зошто толку многу мажи во Донбас ги загубија животите?“ Тој истовремено признава дека мировни преговори се неизбежни и вели дека „секоја војна завршува со преговори. Кој не си ја знае историјата, е осуден да му се повтори.“

Извор: Дојче веле/ Автор: Хана Соколова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!