Техничката со премиер од ДУИ и со министри од ВМРО-ДПМНЕ

лидерска средба собрание
Лидерска средба во Собрание / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

На лидерската во Собранието ќе се реши дали изборите ќе бидат на 8 мај, кој ќе го пополни празното место во ДИК, како да се прочисти Избирачкиот список и како ќе се состави техничката влада.

Премиер Албанец од ДУИ нема да биде пречка ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои министри во техничката влада што треба да се формира кон крајот на јануари, односно 100 дена пред изборите, иако лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски на маса на лидерската ќе го стави барањето за укинување на „пржинската влада“.

Се очекува лидерите на парламентарните партии идната недела во Собранието и формално да решат дека парламентарните и претседателските избори ќе бидат на 8 мај. Албанскиот опозициски блок ќе го отвори прашањето за доекипирање на Државната изборна комисија (ДИК), а можно е да побара и учество во техничката влада. Тема на лидерската се очекува да биде и прочистувањето на Избирачкиот список.
Мицкоски и вчера повтори дека техничката влада треба да се укине.

– Техничкиот премиер предложен од ДУИ ќе нема ниту народен, ниту политички легитимитет и затоа цениме дека техничката влада треба да биде дел од минатото. Македонија е зрела држава, кандидат за членство во ЕУ и затоа техничката влада треба да биде избришана од Законот за влада и од Изборниот законик. Ако не се случи тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира свои членови во неа – рече Мицкоски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада би номинирала министри за внатрешни и за труд и социјална политика, а заменици во министерствата за финансии, за земјоделие и за информатичко општество и администрација.

Владините партнери, премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на состанокот ќе дојдат со договорен став за евентуална ротација на премиерското со претседателското столче во Собранието. СДСМ сè уште смета дека Џафери ќе му го отстапи претседателското столче во Собранието на пратеник од СДСМ за да се избегне концентрација на членови на ДУИ на витални државни функции. Од ДУИ оваа опција ќе биде вин-вин решение само ако Џафери биде премиер. Џафери тврди дека официјално сè уште не добил таква понуда и дека одлуката ќе биде според договор меѓу партиите.
СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците го отфрлија предлогот на Мицкоски за укинување на техничката влада за овие избори, но сметаа дека измените на законите треба да се направат за следните.

Потврда дека нема консензус за укинување на техничката влада денес даде и премиерот Ковачевски.

– Решението за техничка влада е донесено со консензус  во 2016 година, со меѓународно присуство заради кризата во државата. Тоа решение е во Законт за влада, односно на 100 дена пред избори ќе имаме техничка влада. Единствен начин таа техничка влада да се укине е со консензус од партиите, бидејќи доколку нема консензус за нешто што е донесено со целосен консензус тогаш единствено може да завршите повторно во политичка криза. Од она што гогледам како расположение меѓу партиит, не постои расположение за укинување на техничка  за овие избори. Ако нема консензус за укинување, ние ќе имаме техничка влада. Договорот меѓу СДСМ и ДУИ од 2020 година премиер треба да биде Албанец, што е согласно со Уставо,т кои ќе бидат кадровските решенија прерано е да се зборува – рече Ковачевски.

Приоритетно барање на Европскиот сојуз за промени ќе биде да го добијат местото во Државната изборна комисија, за кое Алијанса тврди дека и припаѓа нејзе. Ако Борис Кондарко, член на ДИК, биде избран во новата Антикорупциска комисија, тогаш ДИК ќе остане без два члена. Ако на лидерската не падне договор кому му припаѓа местото, можно е да се искомплицира доекипирањето на ДИК бидејќи ниту власта ниту опозицијата го немаат потребното двотретинско мнозинство за избор на член на Комисијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот