
Театарски осврт кон претставата „Торонто експрес“: Носталгијата како колективна психотерапија
На малата сцена на Македонскиот народен театар на 15 декември премиерно беше изведена претставата „Торонто експрес“, со која Божо Вампир можеби ќе ја убеди публиката да се исели во Канада, а можеби и не!
Препорачано
Најновата продукција на сцената на Македонскиот народен театар од режисерска гледна точка на Јордан Симонов е замислена како презентација со наслов „Живеј го својот сон“, со која агенцијата за емиграција „Торонто експрес“ на публиката ѝ нуди поволни услови при посредувањето за аплицирање за виза за Канада.
Презентер што сигурно би ја убедил во тоа бил Митре Стрелата, но бидејќи е време на ковид-пандемија, кутриот Митре заглавил во изолација и на презентацијата го пратил Божо Вампир, кој, пак, 17 години не бил во Скопје и сосема го изгубил компасот за ориентација.
Комплетната текстуална поддршка за презентацијата веќе била подготвена од извесен Зоран Спасов Ѕоф, кој уште пред 13 години го напишал делото „Тибам штркот“, а за презентацијата во МНТ направил и апдејтирана верзија. Неа ја објавил во нова книга која, доколку ја купите, со ваучер-системот ќе ве внесе на претставата, пардон, на презентацијата.
Шегата настрана, но тука станува збор за вистинска комедија. Спакувана во форма на монодрама, ликот на Божо Вампир толку добро му легнал на актерот Александар Микиќ што се чини дека не му е потребна сцена. Да не беше пауер-поинт презентацијата, претставата слободно ќе можеше да ја изведува и на улица. И повторно ќе беше убедлив.

Наративниот дел од приказната содржи мноштво интересни, дел познати, дел непознати факти и информации за Канада, но и многу дилеми што авторот Зоран Спасов Ѕоф ги носи со себе. Клучното прашање „Дали и како да се фати штикла од Македонија?“, може да има и позитивен и негативен одговор.
Пресуден критериум за одговорот е моќта да се разбере носталгијата – како колективна психотерапија, како заборавање на лошото, а сеќавање само на доброто, како слики, мириси, спомени и сеќавања, или, пак, како фантазмагорија во која може да се удави секој сон, дури и најубавиот. Претставата на многумина ќе им ги отвори очите, но тоа што ќе го видат, најмногу ќе зависи од тоа што го носат во душата.
Сепак, имајќи предвид дека емиграцијата е долгогодишна македонска традиција, а и општествените и економските состојби во државата постојано одат во тој прилог, претпоставките се дека ќе има доволно заинтересирани за презентацијата и во наредните неколку години.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 110, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 декември 2021)