
Театарска премиера инспирирана од сликовниците на Наташа Дукоска ќе се одржи во „Јавна соба“
На поткровјето на „Јавна соба“, на 2 јуни (понеделник), со почеток во 19 часот, ќе се одржи премиерата на новата детска театарска претстава „Лефти и Рајти го спасуваат џемперчето Воли“.
Препорачано
Претставата, која е поддржана од Министерството за култура и туризам, е базирана на втората сликовница од серијата „Приказни за облеките“ на македонската авторка Наташа Дукоска. Оваа премиера воедно претставува и промоција на истоимената сликовница во издание на „Чудна шума“.
Со оваа адаптација, светот на облеките добива нова димензија на театарска сцена. Храбрите Лефти и Рајти тргнуваат во мисија да го спасат заборавеното џемперче Воли од автобуското седиште во приказна исполнета со хумор, грижа, детска фантазија и топлина.
Претставата ја режира Изабела Јакимова, која воедно стои и зад адаптацијата на текстот. Нејзиниот пристап преку „Театар за тебе“ успеа да ја задржи нежноста и духовитоста на оригиналната сликовница, во визуелно богати сцени и дијалози кои ги ангажираат и најмладите гледачи. Улогите во претставата ги толкуваат: Јана Велева, Бранко Атанасов, Ангела Лефкова и Мина Јелушиќ Јериниќ.
Авторката Наташа Дукоска има свој уникатен пристап кон пишувањето за деца, а преку „Приказни за облеките“, таа нè потсетува дека едно парче облека може да има живот, емоции и да доживува авантури.
Публиката ќе има можност да ја доживее магијата на книжевноста оживеана на сцена, дело на авторка која со своите сликовници веќе ги освои срцата на многу деца и родители низ Македонија.