На изведбата на претставата присуствуваа авторите на текстот Раја и Георги Господинови

Театарот „Сенки и облаци“ со претставата „Свадби на животни и нешта“ гостуваше во Софија

Театарот „Сенки и облаци“ со детската претстава „Свадби на животни и нешта“ на 25 април гостуваше во Културно-информативниот центар на С Македонија во Софија, Бугарија. Пред преполната сала во центарот на бугарската престолнина, театарскиот ансамбл ја одигра претставата создадена според истоимената книга на Раја и Георги Господинови.

Свои обраќања пред публиката имаа македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска и бугарскиот писател Георги Господинов.

– Навистина ни е драго што се претставивме пред софиската публика со претставата „Свадби на животни и нешта“ напишана од Раја и Георги Господинови, кои нѐ почестија со нивото присуство. Оваа претстава во Македонија досега доживеа дваесетина изведби на нашата матична сцена, а имавме гостувања и во Србија и во Словенија. Нашиот театар на сенки патувал од Кина до Бразил, а сега за првпат се претставивме и во Бугарија – изјави Благородна Коцева Симјанов од театарот „Сенки и облаци“.

Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска на ансамблот на театарот „Сенки и облаци“ му додели благодарница за гостувањето, а по повод одбележувањето 20 години од основањето на македонскиот Културно-информативен центар во Софија и градењето на мостови на соработка во областа на културата.

Посебно внимание пред софиската публика предизвика и присуството на писателот Георги Господинов, кој заедно со неговата ќерка и коавторка Раја Господинова, споделија информации за процесот на пишување на делото и за првпат ја проследија претставата создадена според нивната заедничка книга.

Претставата „Свадби на животни и нешта“ беше премиерно изведена пред македонската публика во пролетта 2024 година. Улогите ги толкуваат Катерина Стефановска, Александра Стојановска, Дарко Богески, Благородна Коцева Симјанов, која воедно е и дизајнер на куклите, а Круме Стефановски ја изведува и музиката во претставата. Дизајнот на постерот за претставата е на Ивона Ѓорѓиовска.

Гостувањето на театарот „Сенки и облаци“ во македонскиот Културно-информативен центар во Софија беше поддржано од Министерството за култура и туризам.

Театарот „Сенки и облаци“ од Скопје пионерски работи на промоција на театарот на сенки како уметничка форма повеќе од 15 години наназад. Како дел од македонската независна културна сцена, изведувајќи ги претставите на матичната сцена во Дебар Маало, неговата работа е фокусирана на употреба на театарот на сенки како неконвенционална креативна и едукативна алатка за општествени теми. Следната изведба на претставата „Свадби на животни и нештa“ e на 8 мај (четврток), со почеток во 19 часот, во театарот „Сенки и облаци“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот