
Тапа болка зад очите и во челото: Како да ја препознаете синусната главоболка и што ја предизвикува?
Синусната главоболка предизвикува болка во лицето и претставува симптом на синусни инфекции – синузитис. За разлика од другите главоболки, синусната предизвикува тап бол зад очите, во јагодиците, челото или коренот на носот. Типично, овие главоболки исчезнуваат кога синусната инфекција ќе помине. Но, доколку ваквиот тип на болка трае подолго од една недела, се препорачува лекарски преглед, пишува „Е-клиика“.
Препорачано
Како се манифестира синусната главоболка и што ја предизвикува?
Синусната главоболка е симптом на синусни инфекции (синузитис) и предизвикува необична болка која се шири низ лицето. Се јавува поради притисок од различно потекло во синусите. Најчесто настанува како последица на инфекција на синусите или синузитис, но може и поради алергии, хронично воспаление или полипи во носот.
Понекогаш инфекциите се поради присуство на бактерии или габички. При инфекција на синусите, тие отекуваат, а телото произведува повеќе слуз. Ова само по себе може да предизвика синусна главоболка. Доколку бактериите почнат да се размножуваат, може да се развие и бактериска инфекција. Бактериите создаваат гасови кои вршат притисок врз синусите и предизвикуваат болка.
Симптоми на синусна инфекција:
- затнат или течење на носот
- густа слуз при дување нос
- слуз во задниот дел на грлото (постназално капење)
- болка во забите
- намалено чувство за мирис
- непријатен здив.
Алергии како причина за синусна главоболка
Алергиите, особено поленските, можат да предизвикаат синусна главоболка. Алергените предизвикуваат затнување и воспаление на синусите. Лица со алергии имаат симптоми како:
- кивање
- црвени или солзливи очи
- чешање во грлото
- чешање на очите
- затнат нос.
- Полипи и анатомски промени во носот
Кај лица со полипи, слузта не може правилно да истекува од носот и синусите, што ги прави склони кон инфекции. Постојат неколку состојби:
- Носни полипи – безболни израстоци кои можат да предизвикаат блокада ако доволно пораснат.
- Девијација на септумот – состојба кога преградата во носот не е симетрична, што предизвикува затнување на еден носен канал.
- Зголемен трет крајник – ако е преголем, може да спречи одлив на секрет. Кај децата, кои немаат целосно развиени синуси, ова често предизвикува хроничен синузитис.
Стоматолошки проблеми
Здравствените проблеми со забите исто така можат да доведат до синусна главоболка. Доколку корените на горните заби навлегуваат во синусите, може да предизвикаат блокада на секретот и да станат извор на повторливи инфекции.