
Таеквондо федерација: Следната 2024 одиме на нова златна историја за македонскиот спорт
Во 2024 година најголемиот спортски настан ќе бидат Летните олимписки игри во Париз кои ќе се одржат од 26 јули до 11 август.
Препорачано
Дејан Георгиевски, најдобриот македонски таеквондист, по освојувањето на среброто на Игрите во Токио 2020, посакува следните Игри да ги круниса со златен медал.
Таа желба ја има и Македонската Таеквондо Федерација која сподели објава во која ги сподели резултатите кои беа остварени во текот на 2023 година:
– Помина една исклучително успешна година за македонското теквондо, и оваа година овој олимписки спорт го предводеше врвниот спорт во државата. Дејан Георгиевски заедно со неговиот тим предводен од д-р Борче Костовски испиша уште една страна спортска историја за македонскиот спорт, освојувајки највисок пласман за македонски спортист на едни Европски Олимписки Игри, сребрен медал на ЕОИ во Полска! Тој оваа година нареди неколку златни медали и на официјални Г1 турнири. Дејан Георгиевски секако по сите можни критериуми не само што е најдобар спортист во историја на независна Македонија, тој е најдобар спортист за 2023 година.
Мила Релиќ заедно со нејзиниот тренер Александар Ефтимов стигнаа до бронзен медал на ЕП У21, со тоа македонското теквондо во својата колекција прибра четири медали од ЕП У21. Мила за жал беше петта на Европските Олимписки Игри но секако и тоа не е успех кој може да се потцени. Исто така знаше да блесне на неколку Г1 турнири. Мила согласно овогодинешната конкуренција по сите параметри требаше да биде најдобра сениорка спортистка на Македонија.
Имавме значителни успеси на Европско Првенство за деца со две бронзени медали на Ведрана Тунески и Давид Петковски, исто така и значителен успех на Балканско првенство златен кадетски медал на Михаил Ангелевски. Следната 2024, одиме на нова златна историја за македонскиот спорт! ЗА МАКЕДОНИЈА, СРЕЌНА НОВА ГОДИНА – стои во објавата на Македонската Таеквондо Федерација.