
Светските хуманитарни организации: Во Појазот Газа досега убиени се 3.760 деца и 2.326 жени
Во опсадата на Појасот Газа како дел од војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, досега се убиени 3.760 деца и 2.326 жени, што претставува 67 отсто од сите жртви во опсадата, а илјадници од нив се повредени, беше соопштено денеска во заедничко соопштение на повеќе меѓународни институции и организации.
Препорачано
Светската здравствена организација, Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA), Фондот за население на ОН и УНИЦЕФ во заедничка изјава наведоа дека во просек 420 деца се убиени или повредени секој ден, од кои некои се само стари неколку месецици, јавува Гардијан.
Се проценува дека во Газа има околу 50.000 бремени жени, од кои повеќе од 180 раѓаат секој ден.
„Околу 15 отсто од нив веројатно ќе доживеат компликации поврзани со бременост или породување и ќе им треба дополнителна медицинска нега“, се наведува во соопштението.
Затворени се 14 болници и 45 примарни здравствени центри во Појасот Газа, а некои жени треба да се породат во засолништа, во нивните домови, на улиците во урнатини или во пренатрупани здравствени установи, каде санитарните услови се влошуваат и ризикот од инфекција и медицински компликацијата е во пораст, велат организациите.
„И животите на новороденчињата висат на конец. Доколку болниците останат без гориво, се проценува дека животот на околу 130 предвремено родени бебиња кои се потпираат на услуги за неонатална и интензивна нега ќе бидат изложени на ризик, бидејќи инкубаторите и другата медицинска опрема повеќе нема да функционираат“, се вели во соопштението.