
Светот на книгата е свет на бескрајните можности
Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 април, востановен од УНЕСКО во 1995 година, беше одбележан во главниот хол на НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Препорачано
На традиционалната свеченост беа прочитани светската и македонската порака, напишани од генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле, и македонската писателка и поетеса Ана Стојаноска, како и извадоци од делото „Дон Кихот“ на Мигел де Сервантес, кои автентично беа прочитани од амбасадорот на Кралството Шпанија во С Македонија, Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија, од амбасадорот на Република Чешка во С Македонија, Н.Е. Јарослав Лудва, актерот Благој Веселинов и професорот Иван Џепароски.
– Светот на книгите е светот на бескрајните можности. Светот на книгите, заедно со светот на уметностите, е непроценливата смисла на човековото постоење. Во книгите се скриени сите одговори, дури и оние на непоставените прашања. Книгите постојат од првите човекови обиди да се раскаже приказната, да се напише одредено сведоштво, да се остави трага низ вековите. Книгите се создавале и се пишувале, но пред сѐ, се чувале за да бидат дел од колективната оставнина на човештвото. Книгите ни се многу потребни денес. Посебно денес! Кога светот станува нетрпелив, брз, дефокусиран, кога не се чита толку многу, кога се пишува непотребно многу, кога вредностите се изменети, кога човештвото се наоѓа толку близу до сопственото уништување. Книгите ни требаат на сите – посочува Ана Стојаноска во својата порака.

Присутните на настанот ги поздрави Рахметула Куќи, директор на НУБ „Свети Климент Охридски“. Клеопатра Филипова-Падрон, сопруга на шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон, одржа беседа по повод отворањето на изложбата „Сеќавање на Хусто Хорхе Падрон“, на која беа претставени сите негови изданија. Според стар каталонски обичај, на сите присутни им беа подарени книга и роза.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 176, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29.04.-01.05.2023)