Собирот се одржа во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик во Скопје

Свечен собир се одржа на ИМЛ во чест на Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски: Народ што не памети, нема своја иднина

Институтот за македонска литература (ИМЛ) при УКИМ – Скопје, на 5 јуни ги чествуваше писателите и поети Гане Тодоровски по повод 95-годишнината од раѓањето и Петре М. Андреевски по повод 90-годишнината од раѓањето.

Заедничкото чествување на годишнините од раѓањето на книжевните великани Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски во организација на Институтот за македонска литература (ИМЛ) при УКИМ – Скопје го привлече вниманието на академската и стручната јавност, а на настанот беа присутни и членови на нивните семејства, но и студенти и ученици со нивните професори.

Со поздравна реч, собирот во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик го отвори директорката на ИМЛ, проф. д-р Наташа Аврамовска.

– Поетските стихови и научните публикации на Тодоровски и прозата на Андреевски, неговите раскази и романи, имаат ист Вруток – безмерната љубов кон татковината, Македонија, којашто еруптивно бликнува, понесува и вознесува во нивното слово. И трае, останува како трајна доживеалица да живее во нас, која со нивното слово го обликува нашето поимање на себеси во нашето историско траење, некогаш темно и заталкано во лавиринтот на историските собитија, напати зазбивтано и забревтано во еуфоријата на изградбата на новите почетоци и новата иднина – рече проф. д-р Наташа Аврамовска во воведното обраќање на собирот.

Свечено, сожето и сублимирано се говореше за творештвото на двајцата великани.

– Професорот Тодоровски, како еден од основачите на Институтот за македонска литература, нас особено нѐ задолжува со неговата визија за потребата од научно проследување на сите области на развитокот на македонската литература, со неговиот научен ангажман во проследувањето на претходниците на македонската книжебна и книжевно-научна мисла, со космополитизмот на неговата препејувачка дејност, а особено, нѐ задолжува неговата лирика којашто во нејзиниот развој од интимна лирика при свртувањето кон ритамот и пулсот на катадневието во ангажираната поетска доживеалица на мигот досегнува валери и интонации на песна на национален бард. Книжевната оставнина на поетот и писател Петре М. Андреевски нѐ задолжува подеднакво како заедница. Неговата поема „Дениција“ химнично нѐ возвисува во исказот на љубовта и љубовноста, неговата проза, од друга страна, во неговиот подвиг на „Повратокот“ беспоштедно нѐ соочува со демоните на нашето историско траење, и во соочувањето со нив ни ја нуди можноста за себеосознавање и излез од лавиринтот на повторливоста. Ни ја нуди можноста да се вратиме, видиме и осознаеме и потем, на излезот од лавиринтот на митската повторливост, како и неговиот јунак, да фрлиме камен преку рамо и да речеме: „Кога тој ќе се врати, тогаш и јас ќе се вратам“ – истакна Аврамовска.

Свечениот собир го привлече вниманието на академската и стручната јавност

За научната дејност на Гане Тодоровски говореше проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, за поезијата проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, книжевната дејност на Петре М. Андреевски ја претстави проф. д-р Наташа Аврамовска, а за романот „Пиреј“ зборуваше проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.

– Во песната „Нерези“, Тодоровски пее: „Во секој заглед: Занемена големина! / Во секоја мисла: Победа на невремето! / И одвет: Ваше сум Вчера!“, а во романот „Тунел“, Андреевски пишува „Само ако имаме нешто за сеќавање, само тогаш знаеме колку време сме биле заедно и колку време сме живееле и зошто треба да го браниме тој живот“. Ставени во заеднички контекст, овие две мисли, се чини, упатуваат на суштината на автоимаголошката претстава за тоа кои сме и зошто е важно таа слика да ја актуализираме. Без таквите актуализации ќе надвладее заборавот. А народ што не памети, нема своја иднина. За нас е многу важно да се погрижиме значајните личности од македонската книжевна историја да станат важни и за младите генерации, па во таа насока настојуваме овие собири да ги реализираме во интеракција со учениците од средните училишта – истакна проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, претседателка на Организациониот одбор.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 234, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот